Цената на становите во Скопје ќе паѓа, ако граѓаните купуваат квалитет наместо локација

Становите во Центар ќе ја задржат цената, како секаде во светот на таква локација, додека во другите општини може да поевтинат за одреден процент, оценуваат од Здружението на градежништво, индустрија на градежни материјали и неметали при Стопанската комора на Македонија.

Според претседателот на Здружението, Андреа Серафимовски, доаѓа време кога купувачите ќе ја одредуваат цената на становите, зашто во Скопје има многу непродадени, а не се сите квалитетни.

– Поразителен е податокот од Годишниот извештај на Катастарот во кој се наведува дека во 2017 година само 8,5 проценти или 963 од продадените станови биле новоградби, односно им е извршена прва продажба. Со оглед на големиот интензитет на градба што го имавме во 2017 година, а малиот процент на продадени станови, можеме да кажеме дека во Скопје моментално има многу голем број непродадени станови, појаснува тој, без да посочи бројка.

Додава дека континуитетот во високоградбата задржан во 2016, 2017 и првите месеци на оваа година, не значи дека се градат квалитетни станови. Тој апелира до сите кои сакаат да купат стан да обрнат внимание на тоа што купуваат.

– До сега побарувачката беше многу голема и становите се купуваа врз база на локацијата. Сега, поради големиот број непродадени станови и нестивнувањето на одобренијата за градба, во наредниот период само купувачите ќе ја диктираат цената на станот, вели Серафимовски.

Тој ги советува граѓаните кога купуваат стан да внимаваат на тоа дали има доволно паркинзи, дали има зелена површина и да го проверат сертификатот, издаден при техничкиот прием на објектот, за да видат дали станот е граден квалитетно или не.

– Мораме дефинитивно да се посветиме на квалитетот на градба. Секаде во светот квалитет на градба не е стан во Центар, квалитетен стан е смарт стан, стан од висококвалитетни материјали, кој технилошко-технички задоволува највисок степен на карактеристики, а не стан кој се наоѓа на одредена локација. Со ова мислам дека би имале бенефит сите, и купувачите и изведувачите, со тоа што тогаш би се дошло до онаа пазарна цена на станот, која е реална, која граѓаните би можеле да ја платат во однос на тоа каков е квалитетот, вели Серафимовски и додава дека Комората ќе ги обучува граѓаните на што да внимаваат кога купуваат станови за да се поттикне квалитетна градба.

Тој не смета дека сега би можела да се повтори ситуацијата од 2008 година, кога поради очекувањето Македонија да влезе во НАТО, становите во Скопје практично преку ноќ поскапеа за околу 25 проценти.

Од Здружението даваат поддршка на општините кои имаат мораториум на издавање одобренија за градење за да ги ревидираат Деталните урбанистички планови.

– Поттикнуваме урбано живеење, планско градење и живеење во подобра средина. Иако како Здружение имаме обврска кон нашите членки секогаш да реагираме кога ќе има застој на изградба, бидејќи тоа директно влијае на нивните профити и обрти, сепак, јавно кажуваме дека тој процес сто отсто го поддржуваме. Во некои општини тој процес трае долго, а ние очекуваме на крајот да добиеме извештај и да ги видиме бенефитите за граѓаните, истакнува Серафимовски.

Инаку, според бројот на одобренијата за градење, во првите четири месеци од годинава е предвидена изградба на 2.150 станови, што е намалување од 29,64 проценти во однос на истиот период лани, кога биле предвидени 3.056. Иако во намален обем, како што укажуваат од Комората, изградбата на станбени објекти и покрај големиот број непродадени станови продлжува. Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека лани биле изградени 5.622 стана, што е за 9,20 проценти помалку во однос на 2016 година кога биле изградени 6.192 станови. Најмногу се градело во Скопскиот регион, а по општини во Аеродорм, Карпош и Кисела Вода. Цените на станбениоот квадрат сенајвисоки во Центар, каде достигнуваат 1.300 евра, а во Кисела Вода, Аеродром и Карпош се движат од 950 до 1.050 евра.

Анализата на статистичките податоци правена во Здружението покажала дека ланскиот пад на градежништвото во БДП од 13,7 проценти главно се должи на запирањето или забавувањето на крупните инфраструктурни проекти финансирани од државата, но и поради забавувањето на инвестициската активност на приватниот сектор. Но, Серафимовски смета дека продолжувањето на реализацијата на инфраструктурните проекти, кои се почнати и на оние кои се најавени, ќе донесе многу поголем раст на градежништвото од оној што се случуваше кога се реализираше проектот “Скопје 2014”.
Според него, падот во нискоградбата во првиот квартал од годинава, во однос на истиот квартал лани, кој според ДЗС изнесува 68,4 проценти, главно се должи пред се на застојот на изградбата на автопатот Кичево-Охрид, експресниот пат Градско-Прилеп и гасоводната мрежа кај Неготино. Анализите на Здружението покажале дека влијание на тој пад имале и лошите временски услови.

Од Здружението апелираат до надлежните институции побргу да се надминат причините за застојот за да се спречат натамошните загуби во градежниот сектор.