Како последица од загадениот воздух во Македонија предвреме умираат над 3.000 лица

Како последица од загадениот воздух во Македонија предвреме умираат 3.060 лица. Според бројот на населението во нашата земја ова претставува голема бројка на превремено загубени животи.

Слична е состојбата на Косово, таму од истата причина годишно умираат 3.290 лица. Двојно помалку има умрени во Албанија – 1.670. Од земјите во регионот, предводи Романија каде што годишно го губат животот 23.960 лица од аерозагадувањето, а во Бугарија таа бројка е 13.620.

Овие црни бројки се наведени во заедничкиот ревизорски извештај за квалитетот на воздухот што го напишаа 15 врховни ревизорски институции од Европа, заедно со Европскиот суд на ревизори, извршија ревизија на квалитетот на воздухот и издадоа заеднички извештај. Заедничкиот ревизорски извештај претставува сеопфатно резиме на 16 ревизии за квалитетот на воздухот Република Македонија, Албанија, Бугарија, Естонија, Грузија, Унгарија, Израел, Косово, Молдавија, Полска, Романија, Словачка, Шпанија, Швајцарија и Холандија.

Во извештајот ревизорите утврдиле дека жителите на Тетово дури 293 дена во годината дишат воздух со висока концентрација на ПМ-10 честички над 50 мг/м3. Скопјани, пак, загаден воздух дишат само 162 дена. Според извештајот, просечната годишна концентарција на ПМ-10 во Тетово изнесува 97,3 мг/м3 (дозволената е 50 мг/м3), а во Скопје е 84,1 мг/м3, додека на ПМ-2,5 честичките изнесува 52,5 мг/м3.

Ревозорите во извештајот наведуваат дека на загадувањето на воздухот во Скопје и Тетово најмногу влијае индустријата и домаќинствата, средно загадување прават автомобилите, додека најмалку загадуваат земјоделските машини, отпадот и друго.

Република Македонија не подлежи на санкции за непочитување со целите на политиките за квалитет на воздухот на ниво на ЕУ, ниту пак постојат национални или локални санкции.

– Бидејќи не постојат казни, во плановите за заштита на квалитетот на амбиентниот воздух, процесот на имплементацијата е многу бавна. Ова претставува ризик за способноста на Владата да ги постигне целите што ги постави, надминување на загадувањето на воздухот и спречување на нови извори на загадување на воздухот – се вели во извештајот.

Ревизорите препорачуваат во нашата земја да се подобрат системите за следење на амбиенталниот воздух, така што ќе генерираат сигурни, целосни и навремени податоци за загадувањето.

– Да се подобри мрежата за следење на квалитетот на воздухот со соодветно преместување на станиците и континуирано сервисирање и одржување на мониторинг станици. Да се формира централизиран систем за автоматизирано собирање и обработка на податоци, како и мерење во реално време и известување за квалитетот на воздухот, како и обезбедување на навремено доставување и комплетност на податоците од стационарни извори на загадување со цел да се обезбедат сеопфатни информации за квалитетот на амбиентниот воздух во нашата земја – се наведува во препораката до македонската влада.

Граѓански и еколошки здруженија деновиве одржуваат протести со барања надлежните да преземат мерки и да понудат решенија кои ќе ни го направат воздухот почист. Протест за здрава и чиста средина најавуваат за вторник и средношколците од Скопје што ќе се одржува пред секое средно училиште во градов.

cheap nike air max 90