Како да станеме поотпорни на животните предизвици?

Животот е исполнет со предизвици, без оглед на тоа дали станува збор за нашето здравје, финансии или пак односите со блиските.

Photo by Karim MANJRA on Unsplash

Секој од нас се соочува со различни периоди, но некои денови се потешки од другите. Тогаш мислиме дека не можеме да продолжиме понатаму, но низ искуствата учиме дека сепак во нас имаме огромна сила да се соочиме со она што ни доаѓа во текот на животот.

Динааз Лентин е експерт за отпорност и промени. Според неа, предизвиците нè прават силни, но  и ни носат отпорност да се соочиме со она што доаѓа понатаму. Колку и да е тешко, вели таа, мораме да се соочиме со проблемите со отворени раце, бидејќи тоа ни дава алатка за натамошното живеење.

Ова се нејзините совети:

Имајте отворен ум и трпение

За почеток, важно е да знаеме дека за жал,  некои работи не морат да се решат преку ноќ.  Мораме да веруваме во нашата сила дека можеме да се соочиме со она што доаѓа. Оттаму, важно е да изградиме трпение прво со себеси, а потоа и со самата ситуација со која се соочуваме. За некои проблеми, потребни се години за да се решат или надминат. Направете еден чекор, па уште еден, верувајте во себе и не заборавајте на трпението.

Вложувајте во себе

Потребно е знаење, вештини и искуства за да можеме да се носиме со предизвиците. За некои луѓе помагаат книги, за други семинари или видеа, за трети, разговор со пријателите. Како што учиме и вложуваме во своето физичко здравје, истото треба да го направиме и за нашето ментално и емоционално здравје. Никој нема да го направи тоа за вас, туку треба да тргне од вас самите.

Не одложувајте

Колку и да ви е тешко да се соочите со нешто, одложувањето нема воопшто да помогне. Без оглед на тоа дали посакувате да завршите лоша врска или пак да се откажете од лоша навика, треба да почнете ВЕДНАШ. Направете го првиот чекор, а потоа со мали чекори ќе стигнете до целта. 

Побарајте поддршка

Имањето поддршка ни помага полесно се соочиме со животните проблеми. Луѓето кои се тука за нас се потсетник дека работите не се толку лоши, дека постои излез и дека не сме сами. Особено ако можете да најдете некој кој поминал низ сличната ситуација како и вас.

Подгответе се за промени

Работата на себе носи промени, а тие се клучни за градењето отпорност. Останете верни на своите вредности, но не заборавајте дека животот е како река. Сè тече, сè се менува.