Дојави за бомби денеска во пет училишта во Кавадарци.
Денеска околу 07 часот во Полициска станица Кавадарци било пријавено дека на електронска адреса на пет училишта (две средни и три основни) во Кавадарци е упатена закана за поставена експлозивна нaправа. Веднаш по добиената пријава, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на училиштата и во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случајите.
-Денес по пријава за поставена бомба во неколку основни и средни училишта, евакуирани се учениците и тоа од: О.О.У ,,Тоде Хаџи Тефов’’ Кавадарци, и подрачно училиште во село Бегниште, ,,Димката Ангелов Габерот’’ Кавадарци и подрачното училиште во село Сопот, ,,Страшо Пинџур’’ Кавадарци, и подрачните училишта во селата Марена, Возарци и Дреново, С.О.У Гимназија ,,Добри Даскалов’’ Кавадарци, С.О.З.Ш.У ,,Ѓорче Петров'' и С.О.У ,,Ќиро Спанџов Брко’’. Освен училиштата, во село Марена евакуирана е и градинката, заради непосредната близина на подрачното училиште.
Во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случајот. Се замолуваат родителите дека нема потреба од паника, а учениците ќе бидат вратени на настава, откако екипите ќе ги прегледаат објектите и кога ќе се утврди дека истите се безбедни, соопшти пред околу еден час градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев.