Град Скопје бара поголема заштита на зеленилото во градските средини

Градот Скопје бара измена на законската регулатива што се однесува на зеленилото во приватни градежни парцели, како и измени во правилникот за градба, со цел, како што рече градоначалникот на Петре Шилегов, поголема заштита на зеленилото во градските средини.

- Градот Скопје веќе има побарано измена на законската регулатива што се однесува на зеленилото кое се наоѓа во приватни парцели како што е во конкретниот случај во општина Аеродром. Во ситуацијата е доставено барање за отстранување дрвја од парцелата заедно со градежна дозвола. Во конкретниот случај градот постапи така како што налага во моментов позитивната законска регулатива, рече Шилегов одговарајќи на новинарско прашање по промоцијата на електричниот автобус.

Тој рече и дека во текот на вчерашниот работен состанок што го имале со премиерот Зоран Заев, како и во изминатиот период бараат и измени што се однесуваат на Правилникот за градба. Тие треба да овозможат дуповите во општините, што, како што рече, се на товар на градоначалниците, заради здравата животна средина и опкружувањето во кое живеат граѓаните, да бидат сведени во нешто што би се нарекло нормална средина за живеење.

- Очекувам судот многу наскоро да донесе одлука. Градот и јас како градоначалник или ќе спроведам нова постапка или со она што судот го има избрано како променет партнер ќе го забрзам процесот на изградба на современа депонија во градот Скопје, рече Шилегов одговарајќи на новинарско прашање по промоцијата на електричниот автобус.

Досега, рече скопскиот градоначалник, Скопје требаше да има изградено капацитет каде ќе се вршеше селекција на отпадот, ќе имаше политика на селекција и ќе имавме постројка која ќе го гори, а Скопје ќе ја користеше енергијата од тоа.

- Миризбата од Дрисла досега ќе ја немаше ако го немавме криминалното јавно приватно партнерство што мојот претходник и мнозинството на ВМРО-ДПМНЕ во Советот трипати го бираше и покрај судските одлуки, рече Шилегов.

Додаде дека мотив за таквиот избор на партнер најверојатно биле и честите патувања во Италија на дел од советниците на ВМРО-ДПМНЕ и претходниот градоначалник.