Општина Карпош ќе формира Штаб и Просторна единица за заштита и спасување

Советниците при Советот на општина Карпош го поддржаа предлогот на градоначалникот на општина Карпош, Стевчо Јакимовски, за формирање на Штаб и Просторна единица за заштита и спасување на луѓето и материјалните добра од природни непогоди, епидемии, воени разурнувања и други несреќи и отстранување на последиците од нив.

-Инаку, овие организациони единици не се новина, туку тие се континуитет на една иста или слична организациона поставеност од минатото, од самото постоење на локалната самоуправа. Поточно, просторните сили за заштита и спасување во општина Карпош функционираат повеќе години наназад, низ неколку мандати на локалната самоуправа, велат од општината. 

-Просторните сили за заштита и спасување кои би дејствувале на подрачјето на општина Карпош, се формираат како универзални сили и се опремуваат, обучуваат и оспособуваат за давање на прва медицинска помош, гаснење на помали почетни пожари, спасување на загрозени и затрупани лица во плитки урнатини, спасување од поплави, учество во засолнување, како и евакуација и згрижување на населението, стои во соопштението до општината. 

Материјалните и финансиските средства кои им се потребни на Просторните сили за заштита и спасување (како на пример, теренско возило, шатори, чамци, пумпи, униформи, носилки, и друг алат), ќе бидат обезбедени од Буџетот на општина Карпош.