Ѕид од деловни згради на зеленилото покрај Илинденска

Маркичка за хотел на осум ката стои пред Олимпискиот базен, на една од последните зелени површини во центарот по узурпацијата на парковите до плоштадот „Македонија“ и кај Старата железничка станица, пренесува Призма.

Деловни објекти од по шест ката можат да се изградат покрај булеварот „Илинден“ на целиот потег меѓу зоолошката градина и крстосницата со булеварот „8 Септември“, како и во близина на салата „Борис Трајковски“.

Повеќе згради се предвидени и во зелениот појас меѓу булеварот „Србија“ и населбата Ново Лисиче, од кои една е наменета за домување, а другите за државни институции. Изградба на училиште е предвидена на почетокот од т.н. детска улица „Тоше Проески“, а со згради ќе се пополнат и две преостанати празни површини во Реонски центар Аеродром.

И паркот околу црквата „Света Богородица“ во центарот може да се пополни со три објекти од верски тип, два од по пет ката и еден од девет ката. Во паркчето меѓу Собранието и  Домот на АРМ, пак, има не само маркичка туку и табла за изградба на катна гаража висока девет метри. Овозможено е и уште мало ширење на градот нагоре кон Водно.