Ќе го сврти ли Шилегов ширењето на Скопје кон север?

Скопје се шири неконтролирано. Скопје воедно и неподносливо се згуснува-набива со нови градби во некои свои делови (пример Дебар Маало делови од Аеродром…). А ако се сетиме, пред години, кога се правеше, тогаш новиот Генерален урбанистички план, сите инволвирани велеа дека идејата е да не се дозволи ширење на градот, како и спречување на негово претворање во џунгла од цемент.

Еве, деновиве се најави дека Градот Скопје почнува постапка со изработка на нов Генерален урбанистички план. Еве, шанса некои работи да се поправат. Такво нешто најавува и градоначалникот Шилегов.

-Градот треба да се развива на начин што ќе се релаксира од претерана урбанизација на јужниот дел од градот, на сметка на рационално користење на сè уште неискористените содржини во северниот дел, потенцира тој.

За нужноста од ширење на градот кон северните граници во поранешен текст за „Скопско Ехо“ зборуваа и неколку познати скопски архитекти. Според нив, просторот околу обиколницата, кон Скопска Црна Гора и големите неискористени површини во општина Гази Баба се добар терен за ширење на градот.

Да се надеваме дека сето ова ќе се впише во новиот ГУП, кој пожелно е да се менува со поголема вклученост на експертската и пошироката јавност.

СкопскоЕхо