Џафери од Крушево: Време е за одговорна одлука, дури и по цена на иден политички пораз

Северна Македонија повторно е исправена пред голема и одлучувачка одлука – ќе продолжиме напред, или пак ќе заглавиме на слепиот балкански колосек, рече претседателот на Собранието, Талат Џафери, кој во своето обраќање од Мечкин Камен по повод Илинден, се осврна и на претстојните уставни измени.

На таа тема, Џафери порача дека е време за разум, одговорност, висока свест и совест за да се донесе одлука за доброто на граѓаните, па дури и по цена на иден политички пораз. Претседателот на Собранието кажа дека европската идеја од пред 120 години од Крушевскиот манифест за слобода, обединување и просперитет е веќе на дофат.

„Иднината ќе потврди дали донесената одлука била правилна“, рече Џафери, додавајќи дека и денес, ако ги анализираме големите одлуките од минатото, имало луѓе кои мислеле дека се погрешни, но се испоставило спротивното, почнувајќи од референдумот за независност до членството во НАТО.

Џафери во таа насока ја оцени како позитивна одлуката за НАТО од денешен аспект, коментирајќи дека никој не може да се одбрани сам.

„Само сплотени сме силни. Војната во Украина не увери колку брзо може да се промени состојбата со мирот“, рече претседателот на Собранието.

Ја спомена и материјалната поддршка „што ја добивме од нашите пријатели во време на кризата со короната, пожарите, поплавите“.

Џафери е дециден: Имаме една заедничка држава и сите треба да ја чуваме.

Во обраќањето, претседателот на Собранието заклучи дека Илинднцте биле свесни дека со отворање на умот и сплотени заедно ќе бидеме пример за нова и додадена вредност во регионот и пошироко.