Димитриеска Кочоска: Првото зголемување на пензиите за 2500 денари во септември, второто во март следната година

Mинистерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска во гостувањето на ТВ Сител најави дека во септември пензионерите ќе го добијат првото линеарно покачување од 2.500 денари, а следното линеарно покачување, исто така од 2500 денари, ќе биде во март следната година,

„Пензионер кој има пензија од 15.000 денари со покачувањето во септември ќе има пензија од 17.500 денари, а со покачувањето во март идната година од 20.000 денари. Таквата пензија ќе ја добива секој месец, а првото вообичаено усогласување на пензиите со трошоците на живот ќе го имаат во септември 2025 година“, рече Димитриеска Кочоска

Нагласи дека со ребалансот на Буџетот ќе треба да се обезбедат уште околу 80 милиони евра за да можат да се исплаќаат зголемените пензии. Од нив, како што кажа, околу 40 милиони евра се за линеарното зголемување, а останатите 40 милиони евра не биле предвидени од поранешната власт во Буџетот за годинава за непречена исплата на пензиите. Во фокусот на ребалансот, како што кажа, ќе бидат општините, пензиите, парите за плати, а се друго ќе се крати.

„Ќе можеме да ги обезбедиме овие средства затоа што ќе скратиме од непродуктивните трошоци. За жал за годинава невозможно е да се скрати се зашто во голем дел се веќе исплатени средствата и имаме огромен буџетски дефицит. Парите се веќе потрошени и нема од каде да се скрати, но се она што е непродуктивно и останало ќе се крати“, рече Димитриеска Кочоска.

Сепак, посочи дека има уште простор за кратење и оти има многу нелогичности и вети дека ќе се обезбедат средства за сите вообичаени исплати во Буџетот.

Нагласи дека ќе остане и мерката Мој ДДВ со истите средства за граѓаните, но ќе има корекции во делот на УЈП и давањето одговори за жалбите од граѓаните за одбиените скенирани сметки од граѓаните. Во овој момент, посочи, нема да се кратат платите на функционерите. Воедно, нема да продолжи издавањето на граѓанските обврзници се додека не се врати довербата во системот и во државата.

Димитриеска Кочоска и додаде дека на таа тема ќе разговараат со синдикатите кои бараат уште во првите 100 дена на владата минималната плата да биде 450 еврa