Муцунски и Димитриеска-Кочоска – нови потпретседатели на ВМРО-ДПМНЕ

Актуелниот градоначалник на Општина Аеродром, Тимчо Муцунски, и поранешната дополнителна заменик-министерка за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, ќе бидат нови потпретседатели на ВМРО-ДПМНЕ, дознава и пренесува „360 степени“.

Засега од партијата нема официјална потврда на оваа информација. Со нив, бројот на потпретседатели се зголемува на четворица, со оглед на тоа што актуелните потпретседатели Александар Николоски и Владо Мисајловски се очекува да ги задржат позициите во партијата.

Гордана Димитриеска-Кочоска, која е магистер по економски науки од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, е членка на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ. Работела во приватна компанија како финансиски консултант, во Стопанска банка, во Македонски Телеком (сектор донации), во Министертвото за финансии (сектор јавен долг), а била и директор за финансии во ЕЛЕМ, во периодот кога на чело на компанијата беше актуелниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Тимчо Муцунски, пак, кој е доктор на правни науки, е секретар за меѓународна соработка на ВМРО-ДПМНЕ. Во периодот 2015-2017 година бeше заменик-министер за информатичко општество и администрација, во 2020 година стана пратеник, а Собранието го замени со општинската зграда во Аеродром, каде победи на изборите за градоначалник во октомври минатата година.