Детали за големата полициска акција во Ченто - неколку лица изнесени со лисици на раце

По добиени оперативни сознанија за недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи и неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори, полицијата изврши акција во скопската населба Ченто.

Полицајците извршија претрес во домовите на лицата: А.А. (35), Р.А. (48), Х.А. (47), А.А. (45), А.А. (40) и И.М. (49).

- „Во претресите на домовите на посочените лица на ул “Фуштанска“ и на ул “Методиј Андонов Ченто“ откриени и запленети се една автоматска пушка, две рамки за муниција, една воздушна пушка, прибор за чистење и пластичен куфер; еден метален пиштол со дрвен ракофат „М 57“ кал.7,62 мм со вметната рамка со осум куршуми; еден пиштол марка „Zoraki“ М 906-В кал.7,65мм, една рамка со шест куршуми кал.7,65 како и една паковка со непозната грутчеста кафеава материја. Исто така откриена и одземена е и уште една пушка“, информираа од МВР.

Лицата се приведени и со нив е извршен разговор, а Единицата за недозволена трговија во консултација и соработка со Основното јавно обвинителство Скопје по целосно документирање на случајот до Основното јавно обвинителство ќе достави соодветни поднесоци.