Дескоски за новиот пад на УКИМ на листата на CWUR: Поразително е што сме зад Нови Сад, Крагујевац и Ниш

Универзитетскиот професор Тони Дескоски објави дека првиот државен Универзитет „Свети Кирил и Методиј“ има пад на ранг листата на CWUR (листа на Центарот за рангирање на светските универзитети) во континуитет во последните четири години. 

- Вчера дознавме дека УКИМ има нов пад од 26 места на ранг листата на CWUR, при што од 1964 сме паднале на 1990 место. Уште полошо е што падот е континуиран од 2019 година, и е за 174 места.  Но, има еден уште попоразителен податок. Не само што сме зад Белград (362), Љубљана (428) и Загреб (528), туку сме и зад Сплит (837), Марибор (1087), Нови Сад (1114), Ријека (1588), Крагујевац (1605), Ниш (1688) и Осијек (1925), нотира професорот по меѓународно право. 

- За сите самобендисани и умислени величини треба да е јасно дека кога одиме на Конференции и објавуваме во списанија во Ниш, Крагијевац, Осијек…. всушност одиме на повисоко рангирани универзитети. И еве една цел за идниот Ректор на УКИМ: да не испаднеме од ранг листата на најдобри 2000 универзитети на CWUR. (што ќе биде тешко, ако се има предвид постојниот тренд). Таа цел сигурно не можат да ја остварат оние кандидати што седеа во Ректоратот во изминативе години, вели Дескоски во својата објава на фејсбук. 

Инаку, станува збор за ранг-листа која CWUR ја објавува секоја година, а при рангирањето универзитетите и колеџите ги оценува според четири мерки: образование, можност за вработување, настава и истражување.