ДЕРМАТОВЕНЕРОЛОЗИТЕ ПРЕДУПРЕДУВААТ: Пораст на бројот на заболени од шуга

Се повеќе заразени лица од шуга се регистрираат во последните години кај нас. Официјално се пријавуваат и повеќе од 500 заболени, а најчесто заразата зафаќа цели семејства. Kај некои од пациентите се јавуваат и потешки форми и компликации од болеста како бактериски суперинфекции и постсрептококен гломерулонефрит.

Во Институтот за јавно здравје во 2015 година се регистрирани 527 случаи и инциденца од 25,5 заболени на 100.000 жители, што е зголемување од 16,4 отсто во однос на 2014 година. Најголем број заболени и највисока инциденца од 32 случаја на 100.000 жители во периодот 2005-2014 година се регистрирани во 2005 година, а најмал број со 14 случаи на 100.000 жители во 2012 година.

Од јануари до септември оваа година пријавени се 252 случаја на шуга во целата земја.

Лекарите од Kлиниката за кожни и венерични болести предупредуваат:

-  Шугата кај нас е континуирано присутна, а поради задоцнета дијагноза или несоодветно лекување во последните години се бележи пораст на бројот на заболени и појава на потешки форми и компликации (бактериски суперинфекции, постсрептококен гломерулонефрит). За некој комплетно да биде излекуван, мора строго да го почитуваат хигиенскиот режим и правилата за лична и колективна хигиена. Неопходна е програма за контрола на болеста и достапност на современите скабицидни третмани - за Дневник објаснува  доц. д-р Kатерина Дамевска, дерматовенеролог на Kлиниката.

Шугата е инфекција на кожата со паразитот Sarcoptes scabiei var. homini. Возрасната женка на паразитот му копа канали во површните слоеви на кожата и ги положува јајцата. Болеста се пренесува со близок и пролонгиран контакт со заболено лице, на што се должи појавата на болеста кај повеќе членови на семејството, во градинки, училишта и други заедници.