Центарци маалските проблеми ќе ги пријавуваат електронски

Граѓаните на општина Центар ќе можат проблемите со јавните услуги во нивните населби да ги пријавуваат на електронската платформа пријави.мк /рапорто.мк.

Станува збор за општинска платформа која ќе ја изработи НЕКСУС – Граѓански Концепт и која ќе ги информира службениците во општина Центар со каков проблем се соочуваат граѓаните со цел побрзо решавање на истиот.

За таа цел вчера градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ и претседателката на НЕКСУС – Граѓански Концепт, Афродита Муслиу потпишаа Меморандум за соработка, во насока на воспоставување конструктивна комуникација меѓу граѓаните и општината. НЕКСУС платформата ќе ја изработи, одржува и ќе ја подари на општина Центар.

– НЕКСУС се обврзува да ја изгради, промовира и одржува платформата на политичко непристрасен начин, која ќе им послужи како медиум на граѓаните на Центар каде ќе ги пријавуваат проблемите со јавните услуги во нивните населби и ќе ги информира општинските службеници на непосреден и соодветен начин за пријавите на граѓаните во рамки на платформата – информираат од општина Центар.
Платформата ќе овозможи дигитална карта на општина Центар која ќе ги прецизира пријавите и жалбите и точната локација на оваа дигитална карта.

– Општината Центар ќе вложи напори за навремено решавање на пријавите и жалбите од граѓаните. Според временските и буџетските можности ќе ги стави на располагање општинските ресурси со кои располага, со цел да одговори на барањата на администраторот на платформата. За состојбата со поднесените пријави и жалби преку платформата ќе определи општински службеник за прием и процесуирање на пријавите кон релевантната јавна установа – велат од Центар. Изработката на платформата делумно е поддржана со грант од Амбасадата на САД во Скопје.