Царовска: Нема да се укине предметот историја, и наставниците нема да изгубат работа

„Нема да се укине предметот историја, и наставниците нема да изгубат работа", децидна е министерката за образование и наука, Мила Царовска, кажа министерката за образование Мила Царовска во интервју за „Дојче Веле“.

„Најодговорно можам да кажам дека историјата не се укинува. Ниту јас, ниту еден член на работната група не помислил на такво нешто. Ние зборуваме за концепти, за подобри практики за поучување и учење, за нов пристап којшто ќе ги врати децата во училиште, ќе им ги направи интересни содржините, ќе ги поттикне на критичко размислување. Повторно ќе кажам, обемот на содржините во секој наставен предмет – што, и во која мера ќе се учи, ќе го утврди тимот за изработка на наставни програми. А што се однесува на учебниците, се залагаме постепено да ги напуштаме класичните учебници и учебниците да ги сметаме за единствен извор за учење и стекнување на знаење. Оставаме слобода наставниците да користат наставни средства, материјали по свој избор, самите да креираат, да разменуваат материјали со своите колеги, со цел да ги постигнат резултатите со своите ученици предвидени со наставната програма. Тие најдобро знаат кои се можностите, интересите, предзнаењата, стилот на учење на своите ученици, па според тоа и ќе ги одбираат и креираат материјалите. Сигурно, институциите ќе им дадат поддршка со изработка на прирачници, наставни материјали и материјали за учениците, но повторно оставајќи им ја слободата на избор на активности и методи во нивната работа.“, кажа Царовска и додаде:

„Сите знаеме и сме свесни дека се потребни реформи. Исто така знаат и наставниците. Тие беа и први прашани дали и какви реформи се потребни. Оваа концепција, освен што се базира на резултатите од домашните и меѓународните анализи, е градена и врз насоките дадени токму од наставниците во истражувањето коешто го спроведовме пред два месеца. Свесна сум дека сѐ што е ново, секоја промена, предизвикува неизвесност. Но верувам дека овој пат волјата и разумот ќе надвладеат, затоа што правиме нешто коешто ќе ни донесе напредок и ќе го издигне нашиот образовен систем на ниво на оној во најразвиените и современи земји. Огромен е бројот на наставници кои ја поддржуваат реформата, кои по нашите презентации добиваат мотив и се подготвени да ги започнат реформите, сфаќајќи дека со промените добиваат и тие, и учениците, дека добива целото општество, целата држава. Тоа е најголемиот патриотизам - да им обезбедиш квалитетно образование и иднина на следните генерации“.