Богдановиќ: Не можеме да забраниме паркирање на тротоари во Дебар Маало бидејќи ќе се создаде уште поголем хаос

Не можеме да забраниме паркирањето на тротоари во Дебар Маало оти ќе се создаде уште поголем хаос, вели градоначалникот на општина Центар Саша Богдановиќ откако Советот на последната седница не го поддржа барањето на граѓаните за регулирање на паркирањето на улицата Орце Николов, пишува СДК.

Како предлог точка на дневен ред по барање на жителите на Дебар Маало беше Предлог-препорака за регулирање на паркирањето на јавните површини – тротоари на улицата Орце Николов, на потегот од улицата Франклин Рузвелт до булеварот Свети Климент Охридски. На овој потег граѓаните одат по улица бидејќи тротоарите се окупирани од возила. На тротоарите нема место за пешаци, колички за бебиња, инвалидски колички и велосипедисти оти се обележани како паркинг места односно се наплатува зонско паркирање.

Советниците од мнозинството кое е од СДСМ гласаа против оваа точка да се стави на дневен ред со образложение дека тогаш жителите на Дебар Маало ќе немаат кај да ги паркираат своите возила.

Градоначалникот Саша Богдановиќ вели дека неприфаќањето на ваквото барање не значи дека се против оваа одлука, но таа не може веднаш да се спроведе туку тоа ќе се прави системски, чекор по чекор.

„Ние не сме против ваквата одлука, но проблемот треба да се реши системски, не може одеднаш. Забраната за паркирање на тротоари на улицата Орце Николов нема да го реши проблемот туку ќе го префрли на друго место. Не се отфрла идејата туку потребно е правилно да се разработи. Ќе формираме работна група со цел да се направи квалитетна одлука која ќе донесе вистинско решение“, вели Богдановиќ.

Градоначаникот Богдановиќ додава дека проблемот со узурпираните тротоари е проблем кој го наследиле поради непланската градба во Дебар Маало. Сепак, тврди дека полека ќе се ослободат тротоарите така што ќе се обезбеди место и за паркирање на  жителите и за движење на пешаците.

„Работиме на тоа возилата на фирмите кои имаат налепници за паркирање на зонските паркиралишта, да ги префрлиме во катните гаражи и со тоа ќе се растовари метежот“, додава Богдановиќ.