Нема градење во Центар уште шест месеци

Во општина Центар уште 6 месеци нема да се издаваат дозволи за градење. Мораториумот на реализација на плановите што го донесе Советот на општина Центар ќе потрае уште некој месец додека не заврши комплетната ревизија на ДУП-овите, истакна градоначалникот Саша Богдановиќ.

– Веќе шест плана се завршени и очекуваме мислење од Министерството за транспорт и врски. Во делот каде ние ја вршиме ревизијата, со нашата Комисија, поголемиот дел од плановите веќе се при крај и останува само формално „да се спакуваат“ сите тие планови, да ги доставиме до Град Скопје, да видиме дали тие имаат некои забелешки. Со Град Скопје имаме воспоставено пракса да се гледаме на неделна основа, а не да комуницираме со дописи. Воспоставивме пракса да имаме заеднички комисии со Град Скопје. Ако сето тоа го завршиме, очекувам оваа половина од 2019 година најголем дел од плановите ќе бидат ревидирани и донесени – рече Богдановиќ.

Тој објасни дека досега, за два блока во ДУП Г 07 за прв пат е направено намалување на висината за градење. Станува збор за блоковите 9 и 11 во Капиштец.

– Обично досега праксата била при носењето на плановите да се предвиди зголемување на габаритите и висините за градење. Сега ние одиме контра – со цел да не дозволиме развој таму каде нема потреба, а со цел да заштитиме што повеќе урбанистички простор, вели Богдановиќ.

Одлуката за запирање на спроведувањето на ДУП-овите се одвива бавно (досега е пролонгирана четири пати), е оценката на државните ревизири. Тие во конечниот извештај за извршена ревизија на успешноста објавен во ноември 2018 година, наведуваат дека се врши евалуација на 32 градски четврти од 33 колку што вкупно ги има во општина Центар.

– Притоа е утврдено дека истите не се во согласност со ГУП на Град Скопје кој е донесен во 2012 година, додека ДУП-овите на општина Центар се од 2009 година. Притоа, ДУП-овите ги надминуваат параметрите на ГУП за неколку пати. Присутна е легализација на објекти при што ДУП-овите често се менувале со што бил нарушен јавниот простор, стои во забелешките на ревизорите.

Исто така, на ревизорите им засметало што парцели што се во државна сопственост, а се користат како уредени паркови, се планираат како градежни парцели. Во многу од ДУП-овите нема планирано содржини од јавен карактер како градинки, училишта, објекти од културата, плоштади, паркови, спортски комплекси, кои би биле во функција на граѓаните.

Со ревизија е опфатен периодот од 2011 до 2018 година.