Црвена Звезда ја освои четвртата титула по ред во српскиот шампионат, а навивачите не ги штедеа гласните жици во повиците до Перо Антиќ да остане во нивниот клуб. Искусниот македонски кошаркар се врати во неговата Звезда, да освојува титули и конечно има една во богатата колекција, пишува Гол.мк.

– Куп освоив и претходно, но дојдов овде по титулите во АБА лигата и домашното првенство. Не беше баш како што сакав. Секакви работи се случуваа, но на крајот ќе се памети освојувањето на лигата. Немавме сјајна сезона, но титулата сепак е тука малку, вели Антиќ.

Крилниот центар најави дека ќе ја заврши кариерата, но сепак чувствува дека може уште време да поминува на теренот.

– Реков и порано дека сакам да ја завршам кариерата. Но, се чувствувам дека уште можам да се забавувам на теренот. Ќе видиме што ќе се случи во текот на летото. Засега сум слободен играч. Менаџерот треба да ми донесе понуди, а јас ќе видам дали се достојни за да бидам одвоен од семејството на подолго време, продолжува Антиќ.

Комбинација за камбек во Македонија уште постои.

– Следниот клуб мора да биде од место со кое Скопје има директна авионска конекција или да биде блиску, да не кажам во Македонија, вели Антиќ.