Активности на еко-патролата на „Комунална хигиена“ во општина Карпош

Во текот на изминатите два дена, Еко-патролата на ЈП Комунална хигиена-Скопје вршеше надзор на повеќе локации во скопската општина Карпош, каде што е забележана појава на континуирано непрописно одлагање отпад на јавни и сообраќајни површини.

Активностите, како што информираат од ЈП Комунална хигиена-Скопје, се одвивале на улицата „Московска“, во реонот на пазарот Тафталиџе и студентскиот дом „Гоце Делчев“.

Од ЈП Комунална хигиена-Скопје информираат дека на терен биле реализирани и едукативни разговори со граѓани и претставници на правни субјекти, на тема – правилно одлагање на отпадот.

Еко-патролата на ЈП Комунална хигиена-Скопје во текот на март изготвила 82 едукативно-информативни записници кои им се врачени на лица што се затекнати при неправилно одлагање градежен, кабаст и отпад од пакување.