Аеродром ќе биде првата смарт општина, Муцунски го потпиша договорот

На настан кој денеска се одржа во спортскиот центар „Јане Сандански“ официјално беше потпишан договорот за воспоставување јавно – приватно партнерство за реализација на проектот „Смарт Аеродром“, помеѓу компанијата „Crescent NV“ и Општина Аеродром.

На настанот свое обраќање имаат градоначалникот на Општина Аеродром, Тимчо Муцунски и Ерик Ван Зеле, претседател на бордот на директори на компанијата.

Проектот „Смарт Аеродром“ вклучува поставување паметни светилки на територијата на целата општина кои треба да го решат проблемот со осветлувањето, преку тоа што значително ќе влијаат на заштедата на електрична енергија, се нудат различни услуги како изнајмување на електрични тротинети и велосипеди кои ќе ја зголемат мобилноста на граѓаните, а со тоа и ќе придонесат кон намалување на загадувањето, поставување дигитални информативни дисплеи, бесплатни зони за интернет, како и полначи за електрични автомобили. Воедно, проектот влијае и во остварување на стратешките приоритети преку подигнување на безбедноста на граѓаните, создавањето чиста и зелена општина, со намален сообраќаен метеж, чист воздух и здрава животна средина.

Градоначалникот Тимчо Муцунски во рамки на своето обраќање истакна дека „Смарт Аеродром“ е проект кој ја потврдува не само заложбата за создавање дигитално напредна и еколошки свесна општина, туку и проект кој носи низа придобивки, содржини и зголемен квалитет на живот за секој поединец.

„Во ера на забрзан технолошки развој, се создава и се поголема потреба од одржливи практики и решенија. Ова партнерство, ја означува токму нашата решеност за создавање паметна општина која на прво место ги става потребите и приоритетите на граѓаните, преку интеграција на модерните технологии кои го олеснуваат секојдневниот живот“, нагласи Муцунски во своето обраќање.

Претставникот на приватната компанија нагласи дека ова партнерство е стратешко, социјално и економско, а како партнерство со јавниот сектор е важно бидејќи целата идеја за имплементирање на проектите за паметни општини и објекти е онаа која го револуционизира целото општество.

„Среќни сме што токму во Општина Аеродром ќе ги споделиме и имплементираме технолошките решенија кои ги имаме, бидејќи тие значат одржливост, подобри и поефикасни услуги кои ќе го подобрат животот“, истакна тој.

Проектот „Смарт Аеродром“ е еден од најзначајните проекти, бидејќи со него Аеродром станува првата општина во Македонија која реализира проект од ваков карактер.