5 јапонски концепти кои ќе ви го сменат начинот на живеење

Веројатно сите сме слушнале за икигаи, но ова се уште пет јапонски концепти со кои можеме да внесеме повеќе хармонија и радост во нашето живеење.

Photo by Andre Benz on Unsplash

Мотаинаи

Овој концепт во превод значи „без отпад“, односно кога нешто отфрламе без да го цениме тоа. Според него, важно е да ги искористиме работите целосно пред да ги фрлиме, да ги поправиме, а не да ги замениме со нешто ново. За мотаинаи, важно е да ја препознаеме вредноста на нештата во нашиот живот, а тоа е исто така важно и за будистичката култура со градењето на поврзаност кон она што постои во нашиот живот.

Даншари

Овој концепт значи да живееме со малку. Според него, треба да ги отстраниме сите оние нешта кои не ни се потребни во животот. Но, и да не купуваме нови работи туку-така, односно само тогаш кога ни се навистина потребни. Овој метод не е поврзан само со материјалниот аспект, туку и со емоционалниот и менталниот стрес кој го чувствуваме кога ни недостасува баланс во нашиот живот, а мислиме дека она што го купуваме ќе ни го надомести она што ни недостасува.

Ма

Ова значи „простор измеѓу“ односно можност да уживаме во животот, во паузата и да избегнуваме да имаме постојано исполнет ден со обврски и луѓе кои не ни носат радост. Иако овој концепт е генерално присутен во јапонската уметност и естетика, тој е важен и за јапонската култура и меѓучовечки односи.

Ваби-саби

Овој концепт нè поттикнува да најдеме убавина во несовршеностите и во она што е тука и сега во нашиот живот. Сакајте ги и ценете ги оние нешта и луѓе кои се присутни во вашиот живот во овој момент, без да мислите на тоа што би било кога би било. Ценете ја секоја сезона, секој момент како што доаѓа и си оди.

Шизен

Во својот буквален превод, овој збор значи природа, односно природно или спонтано. Но, тој не се однесува на самата природа, туку и на нешто што се случува само од себе, а е нежно и недопрено од материјалните нешта. Живејте искрено и без претерување. Дозволете им на нештата сами да се развиваат, без да ги притискате и форсирате.