Зошто на Велики Четврток се вапсуваат три црвени јајца пред изгрејсонце?

Денеска е Велики Четврток, а според верувањата и обичаите, рано наутро се вапсуваат три црвени јајца. Потоа, можете да ги вапсате и другите. 

Но, кое е значењето на овие три јајца?

Првото вапсано јајце му се наменува на Господ и се нарекува Господово јајце. Второто е за домаќинот на семејството. Третото за бериќет и за стоката.

Се верува дека овие јајца имаат чудотворна моќ, па затоа и не треба да ги види сонце. Сепак, лицето кое ги вапсува јајцата не треба да биде гладно, односно треба да има каснато барем еден залак леб. 

Црвената боја има симболика на победа. Нејзиното значење на овој голем Христијански празник е дека Господ Исус Христос со своето воскресение ја победил смртта. Црвената боја ја претставува божјата сила и моќ, а воедно ја симболизира и христовата крв, која Исус ја пролеал на крстот за спасение на сите луѓе на земјава. Така, бојата на јајцето не потсетува на крвта христова и спасението.

Народот верува дека првото јајце штити од елементарни непогоди, но е и лековито и затоа се чува пред икона цела година.