Цените „до плафон“ ќе ја скратат празничната трпеза

Ценовниот шок веќе на големо се чувствува, а во пресрет на празникот Велигден тоа ќе биде уште поизразено, сметаат граѓаните. 

-Празниците се време кога се собира семејството на заедничка трпеза, а храната е се поскапа. Не знам како ќе биде оваа година, вели една скопјанка. 

-Се уште не сме пазарувале за празничниот викенд. Верувам дека ќе има поскапување на месото, но и на сезонскиот зеленчук и овошје, вели друга скопјанка. 

Празничната трпеза очигледно ќе биде поскромна со оглед на цените, велат повеќето граѓани. 

Дел од нив беа загрижени поради маслото за јадење, кое ниту скапо го немаше деновиве во дел од маркетите. 

-Цената на зејтинот ќе биде меѓу 2,20 – 2,40 евра или максимум 2,50 евра и ова цена ќе се задржи, особено по празниците. Ќе има и доволно количини масло за јадење во маркетите. Граѓаните не треба да стравуваат, ниту да купуваат повеќе за да трупаат залихи, вели генералниот директор на фабриката „Благој Ѓорев“ во Велес, Горан Лазов. 

Годинава цената на јагнешкото месо е многу повисока споредено со претходните десетина години, кога се движеше од 300-350 денари за килограм. Пред Велигденските празници продажната цена е 450 до 500 денари. 

Не е исклучена можноста пред празникот, еден килограм јагнешко месо да достигне 600 денари, велат дел од вработените во оваа бранша. 

Мало поскапување има и кај јајцата, зависно од маркетите и продавачите, но средната цена отприликае 280 денари за табла јајца. 

Сувомесните и млечните производи, се продаваат по цени и за 50 отсто повисоки од лани за Велигден. 

Младите компири се продаваат по цена од 55 до 70 денари, а доматите по цена од 160 до 260 денари.