Знаете ли што прави вашето дете онлајн? – Малолетниците од Македонија без родителски надзор на интернет

Педофилија, хакирање и уценување, кражба на идентитет, врсничко насилство…само се дел од опасностите кои демнат на интернет, а најчести жртви се деца.

И покрај тоа што интернетот денес претставува извор на голем број информации, овозможува пристап до едукативни и забавни содржини, сепак тој претставува потенцијална опасност и ризик за приватноста и безбедноста на неговите корисници, а особено за приватноста и безбедноста на децата и младите, велат социолозите и психолозите.

Според истражувањето на тема врсничко насилство што го правеше Здружението Новинари за човекови права во рамки на проектот”Не молчи пријави насилство” , 78% од анкетираните потврдиле дека најмалку еднаш биле жртва на малтретирање преку интернет, а над 80% потврдија дека примале закани преку интернет. Дури 82% од анкетираните родители немаат решение за овој проблем, додека само 18% имаат поставено софтвер за заштита од пристап на деца на небезбедни страници на интернет.

– Овие податоци се навистина алармантни, па наша препорака до родителите е на време да ги заштитат децата со инсталирање на софтвер за заштита од пристап до интернет кој може да го набават бесплатно на страните кои тоа го нудат, како и да ја користат алатката за родителска контрола што ја има речиси во сите паметни телефони, вели Нашата Доковска од НЧП.

Според објавениот Извештај на Агенцијата за електронски комуникации од испитување на јавното мислење од аспект на заштита на корисниците на електронски комуникации, ваков софтвер за родителска контрола имаат само 10,1 процент од семејствата. Повеќе од половина од испитаниците (58 проценти) во чие домаќинство малолетните деца пристапуваат на интернет, воопшто не знаат дека постои софтвер за родителска контрола што на децата ќе им овозможи безбеден интернет. Четириесет и четири проценти од лицата во домаќинствата што моментно немаат таков софтвер се заинтересирани да го инсталираат во иднина, но поголемиот дел (87,5 проценти) од нив не знаат каде можат да набават таков софтвер.

Процентот на малолетните деца кои имаат пристап до интернет (30 проценти), бележи мал пад во однос на 2017 година. Во 83 проценти од случаите децата на интернет пристапуваат секојдневно и на него најчесто 37,5 проценти поминуваат до два часа и 43,1 проценти од два до пет часа (кумулативно 80,6 проценти).

Во Македонија интернет пристап до домот имаат 84,5 проценти, а корисници на интернет се 76,8 проценти од населението.
Анкетата е спроведена во периодот од 31 мај до 14 јуни годинава на случаен репрезентативен примерок од 1100 испитаници од популација на возраст од 18 и повеќе години, корисници на некоја од електронските комуникациски услуги како фиксна телефонија, мобилна телефонија, интернет и телевизија.

Сите денешни вести прочитајте ги тука.