Животот во Скопје: Kој во кои маала живеел, што се работело, како се градело?

Карадаг маало

Карадаг маало било расположено помеѓу маалата Гази баба, Крњево и брегот на Вардар. Своето име маалото го добило поради големиот број  доселеници од Скопска Црна Гора (Кара Даг).

Најкарактеристично за Карадаг маало било големиот број на  ќорсокаци – слепи улици без излез. Во Карадаг маало била лоцирана и Албанската учителска школа со оградено дворно место. Во близината на Карадаг маало била и Воената болница.

Крњево

Крњево маало било познато по  старата воена болница “Полумесечина”. На крајот од Болницата се наоѓала Кумановската трошарина каде што била и Стара нова бања. Во Стара нова бања се бањале девојките и момчињата пред армасување. Таа била маалска бања, каде што мажите се бањале во вторник, а жените во сабота. Во останатите денови од неделата, жителите на ова маало се бањале дома во корито.

Друго обележје на ова маало била познатата Саат кула.

Маалото Крњево е познато и по многумина занаетчии родени во ова маало: Борислав Стоилковски- Раштавец, автолимар, Киро Стојановски, брат на народниот херој Коце Стојановски-Металец и Славе Атанасовски,  работник и др.

Во маалото имало бавчи за тутун, афион, арпаџик, житарици, најубави овошки, градини за ран зеленчук, леи под стакло од каде што се снабдувале скопските пазари.

Во маалото Крњево имало најмногу кафеани, како “Врњци”, “Жарла”, “Гавро”, “Алки”, “Светозар” (бордел со кукли – лесни жени)  каде што се организирале  игранки за млади луѓе. Тука свирел Александар Сариевски, “Саријата”, прочуен пејач на македонски народни песни. На двата брега на р. Вардар се наоѓале плажи, кои крњевчани ги делеле со  маџирмаалците.

Влашко (Хаџи Салабедин) маало

Ова маало било едно од најзначајните во Скопје во наведениот период. За прв доселеник Влав во Скопје се смета ковачот Христо, кој  изградил куќа на местото Виранлак. По него се доселил ковачот Филип кој изградил куќа и дуќан. Постепено во Скопје почнал да се формира првиот Влашки сокак каде покасно била изградена црквата Цар Константин и Царица Јелена.

Гази Менташ или Циганско маало

Се протегало од р. Вардар, односно од Камениот мост, до тогашната Железничка станица. Од Гази Менташ кон Водно се протегале бавчи и ниви и само овде-онде имало по некоја куќа. Во ово маало имало голем број цигански куќи, слични со оние што биле во Топаана.На крајот на ова маало се наоѓал познатиот  хотел “Турати”. Во првите децении на првата половина на 20 век се појавила промена на националниот состав на ова маало.

Гази Менташ маало го зафаќало просторот каде што денес се наоѓа “Вардар увоз-извоз” банка и ТЦЦ “Плаза”, од хотелот “Турист”, до Домот на градежниците кои некогаш биле сопственост на Јанакија Кусабула (Тошев).Никола Шкаперда станал сопственик на магацин за градежен материјал во Скопје, за кратко време го разработил и создал  голем капитал и углед во градот.

Михајло ја започнал изградбата, а куќата ја  лоцирал во центарот на градот (денес во неа е сместена Италјанската амбасада). Куќата е градена во романско-бојарски стил со посебна карактеристична кула. Куќата и денес претставува посебно архитектонско обележје на градот.

Централниот градски регион во периодот по Првата светска војна со новиот регулационен план бил поделен на станични и гимназиски реони. Во овие региони биле изградени најубавите и најрепрезентативните градби во градот. Биле изградени и најубавите приватни куќи.

Улицата Крал Петар била пресечена од турските власти во 1911 год. за минување на султанот Мехмед Рашид. Оваа улица го поврзувала  плоштадот со Железничката станица и во неа  се  наоѓале најголем број на хотели,  дуќани, кафеани.

Со пробивањето на европската модерна архитектура во Скопје почнале да се градат многу модерни градби.

Ристиќевата палата била изградена на самиот плоштад во 1925-26 год., а околу неа биле палатите на Икономови и Настеви.

Ново Чивчи маало

Во ова маало,  живееле сиромашни, но и богати семејства, а едно од нив е семејството  Икономови, сопственици на ф-ката “Европа”.Ново Чивчи маало се простирало од Хаџи Салелединовото маало, долж реката Вардар. Името “Чивчи” маалото го  добило според неговите жители кои претежно се занимавале со земјоделство и градинарство. Тука биле најубавите бавчи во Скопје. Жителите живееле во мали новоизградени куќи, поради што ова маало се нарекувало и Ново маало. Маалото нагло се ширело, пред сé поради многубројните доселеници од селските предели на Скопска Блатија.

Фамилијата Икономови живеела во голема куќа изградена во 1918 год., модерно уредена, со англиски клозети, водовод, струја и сл.

Маџир или Мухаџир маало

Според сеќавањата на старите маџирмаалци Борис Маневски, Михајло Сантевски и други жители од ова маало, тука биле населени дојденци не само од Босна и Херцеговина, туку и претставници од други краишта на Македонија.Муслиманите доселеници во Македонија биле нарекувани  “мухаџири” или “маџири”.Во минатото, првите  мухаџири во Скопје биле доселени во Черкеско маало, Чаир и во Топаана, а пред ослободувањето од Турците, биле населени на десната страна на реката Вардар, во близина на Влашко и Ново маало. Во двете новоформирани улици биле изградени идентични куќи кои добиле име “Бошњачки сокак” или “Бошњачки куќи”.

Десната страна на Вардар почнала да се населува уште во 1873-74 год. кога била изградена железничката линија Солун-Митровица.

Кисела Вода

Обележје  на Кисела Вода е дека тоа била голема градина од која градското население на Скопје секој ден имало   свежо овошје и зеленчук во кое било  време на годината. Обележје на овој скопски реон  бил Монополот. Тој бил  до старата рампа, на патот кон Драчево. Монополот бил познат по тутунарите кои со јанџици на рамо или на коњи и магариња го носеле “жолтото злато”. Кисела Вода како реон (маало) била позната по добрите мајстори, како Перко дограмаџија, Цуки тапетарот кој можел партал – мебел да го светне како нов.