Фото: Полноќните стриптиз точки во Скопје

Скопје ноќе имало свој специфичен живот и забава, пред неговата електрификација, во времето на фенерите и ламбите. Сепак, градот значително се изменил на почетокот од 20 век, кога во 1909 година блеснала првата светилка. Каде? Во куќата на валијата или во валијатскиот конак, онаа иста зграда која постои и денес, попозната како зградата на “Рубин-Кармин”.

Таа била првата осветлена зграда во градот. Во периодот помеѓу двете војни, со изградбата на новата централа под Калето, како и на хидроцентралата “Матка”, Скопје започнало да наликува на европските градови, блеснало со нов сјај. Ноќниот живот станал побогат, поразнообразен, играта на светлината и богатството на боите го правеле ноќното излегување попривлечно и позанимливо.

По Втората светска војна, особено во 60-тите и 70-тите години, во Скопје сe повеќе се отвораа ноќни клубови, кафеани кои работеа до доцна во ноќта, со специјални програми и пејачи. Тогаш се појавија и првите ноќни барови, од кои најпознат беше оној во “Гранд хотел”, со толку егзотично и привлечно име, ноќен или стриптиз бар. А тој се отвори токму навреме, на крајот од 60-тите и почетокот на 70-тите години, во периодот на нашите луди млади години, времето на студентските денови, првите љубови и еротските фантазии, барањето простор за ноќни лудории и забави, кои ги немаше многу. И денес во Скопје има малку или воопшто ги нема пристојните простори во кои се изведуваат стриптиз точки со придружна и издржана уметничка програма. А што да речеме за тоа време преполно со табуа и со предрасуди?

Треба да се каже дека тогашниот “Гранд хотел”, денешен “Холидеј ин”, имаше високо угостителско реноме, во тој контекст исто такво реноме имаше и самиот стриптиз бар, а ќе видиме и зошто. “Гранд-хотел” беше и остана легенда, како и повеќето луѓе кои придонесоа за тоа реноме. Хотелот е започнат со изградба во годините пред земјотресот, а дефинитивно е завршен во 1964 година. Тој е дело на архитектот Славко Леви. Во горните раскошни сали имаше разни забави (повремено се одржуваше и бал на новинарите). Во подрумските простории беше популарното “Огниште” во народен стил, а имаше и голема летна тераса, која гледаше кон кејот, која денес не постои. Сепак, нашето љубопитство го привлекуваше стриптиз барот, во кој се влегуваше од просторот кај денешниот Трговски центар и “Ирскиот паб”. “Македонија турист”, како АД, држеше и денес држи голем синџир реномирани угостителски објекти, “Холидеј ин”, “Бест вестерн”, “Бристол”, “Арапска куќа” и други.

Кога стасавме во годините кога можеа да нe пуштат да влеземе во ноќниот бар, возбудата беше голема. Програмата започнуваше околу еден часот по полноќ, а завршуваше околу три и пол часот наутро. Стриптиз точката беше во средниот дел од програмата. Најпрвин, тивка сентиш музика од оркестарот, во продолжение еден вид кабаретско-забавна програма, а потоа главниот настап на младата стриптизерка. На крајот, настап на еден или на неколкумина пејачи од нашата забавна музика. Кружниот подиум беше во средината на салата, наоколу беа масите за гостите, а дел од тој простор го заземаше оркестарот. Изведбата на стриптизерката ја гледавме со подзината уста и сето она што го подразбираше тој вид еротски настап. Главниот дел, откривањето и покажувањето на градите, беше толку брзо и молскавично, што завршуваше пред да бидеме подготвени за тоа. И толку. Ама чаламот дека сме гледале стриптиз во скопскиот бар беше голем.

Во барот доаѓаа познати уметници, посетители од разни професии, скопските боеми. Не отсуствуваше ниту дискретното присуство на дамите на ноќта, кои, главно, седеа на маса со легендарниот Ром, познат по прекарот Џемс. Тој беше маскота на барот, популарен во Скопје. За жал, за него досега ништо не е пишувано, а легендите не го заслужуваат тоа. Дали тој беше дел од скопското подземје, ниту денес со сигурност не може да се тврди. Сепак, според однесувањето наликуваше на фраер со американски имиџ, а според убавината потсетуваше на тогаш сe уште популарниот Клерк Гебл. Постојано беше окружен со жени, кои го обожаваа. Ништо необично за еден бар. Според моите досегашни сознанија, очигледно дека станувало збор и за елитна проституција, во која биле вмешани повеќе личности, особено странците во градот, со кои Џемс имал контакти. Ете, така, животот пишува романи.
Во секој случај, во барот настапуваа елитни музичари кои тогаш беа популарни и останаа незаборавни. За таа славна историја, денес раскажува легендата на “Македонија турист”, нејзиниот прв човек, кој го минал сиот свој работен век во таа институција, Доне Таневски, како и Зоран Милосављевиќ, неодминливо име во нашата забавна музика. Според нив, оркестарот го сочинувале еминентни имиња, Ладислав Палфи, Чешларов, Драги Мачкица, Петар Лукиќ, Мирче Панев (Поп Дудов), Миле Малининов, а повремено на клавир настапувал и легендарниот Бранѓолица. Милосављевиќ се јавувал во тројна улога: како конферансие, како бас-гитарист и како пејач. Интересен е податокот дека постоело здружение на стриптизерки на Југославија, наречено “Вариете”, со седиште во Загреб. Тие настапувале и во скопскиот стриптиз бар, а биле менувани еднаш месечно.

Пишува: Данило Коцевски