Жителите на Центар ќе може да извршат увид во плановите на овие три објекта

Градоначалникот на Општина Центар, Андреј Жерновски, го продолжи рокот за јавен увид во урбанистичките планови „Kлинички центар“, „Геолошки завод“, како и за „Буњаковец 1 и 2“. Заинтересираните граѓани ќе може да извршат увид и да дадат забелешки и во наредните десет дена, соопштија од Општината Центар.

Надлежните објаснуваат дека јавната анкета за овие планови траела во законски предвидениот рок од 21 декември 2015 година до 5 јануари 2016 година, но поради максимална транспарентност во процедурата на носење на плановите, донесена е одлука таа да продолжи до 15 јануари годинава.

Kако што информираа од локалната самоуправа, причината за вакво нешто е желбата што поголем број граѓани да имаат можност за увид бидејќи урбанистичките планови се носат за нив.

Воедно, Општината ги известува жителите на Центар дека од 11 до 26 јануари годинава во просториите на основното училиште „Kоле Неделковски“ ќе биде изложени плановите „Парк 1“ и за дел од „Дебар Маало 2“, секој работен ден од 8 до 16 часот. Јавната презентација ќе се одржи на 20 јануари годинава во 13 часот во просториите на Општина Центар.