Повеќекатницата кај „Мајчин Дом“ во населба Аеродором сепак нема да се гради. Градоначалникот на Аеродром Златко Марин е категоричен во овој својот став.

Преговорите кои што се уште се водат со сопственикот на парцелата, градоначалникот Марин очекува да завршат со позитивен исход во корист на жителите на општина Аеродром , кои се против изградба на зграда.

Вели дека законски не смеат да стават монаториум на градбата, ама можеле да понудат поврат на вложените средства кои се во висина од околу шест милиони евра, изјави градоначалникот.

„Позитивен исход е таму да нема згрда, тоа е мојот непроменет став. Ниту една маркица не може да се избрише, туку може да се зголеми само нејзиниот габарит“, рече градоначалникот Марин.

Бизнисменот Фатмир Етеми, пак, кој е сопственик на парцелата на Булеварот„Јане Сандански“ нема намера да отстапи од бизнис планот. Зградата ќе биде изградена , вели за Алсат М. Во спротивно, доколку општината се реши за некакво поништување на ДУП – от, властите ќе испратат негативен сигнал до домашните инвеститори. Ситуацијата е дополнително искомплицирана бидејќи веќе биле уплатени четири стана во процес на градење на објектот.

„За таа парцела има Детален урбанистички план кој што е во сила и ние имаме правосилно одобрение за градба и немаме намера да се откажеме од нашето право кое што ни е загарантирано со закон и со Устав. Бидејќи имаме одобрение за градба и со тоа имаме право на продажба на станови, веќе продаваме станови“, реагира бизнисменот Етеми.

Откако инвеститорот го загради плацот со тараби и стартуваше со градежните работи, дел од жителите на општина Аеродром излегоа на протест против изградба на нова висококатница во населбата. Главна причина за тоа е предизборното ветување на актуелниот градоначалник Златко Марин кој тврдеше дека зграда кај Мајчин Дом нема да се гради. Сепак, изградбата почна, но по протестите, од минатата среда градежните работи се прекинати на 15 дена поради констатации од страна на градежниот инспекторат за недостатоци на градилиштето.