Со синоќешната средба со граѓаните во Брњарци, градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, го заврши граѓанскиот дијалог, во чии рамки остваруваше средби со граѓани во урбани и месни заедници во Општината.
-Имав одлична можност да се сретнам со жителите на Брњарци во дворот на Црквата Св. Петар и Павле. Разговаравме со граѓаните и заедно ги утврдивме приоритетите на ова населено место за следната година. Со оваа средба се завршува граѓанскиот дијалог во рамки на кој остваривме средби со граѓани во 25 урбани и месни заедници. Ги слушнавме предлозите на граѓаните и најголем дел од нив идната година ќе добијат своја реализација. Пулсот на народот е тој што го усмерува патот на нашата работа - потенцираше Стефковски.