Започнува изградбата на новата училишна спортска сала во Хром

Градоначалникот на Ѓорче Петров Алексаднар Стојкоски соопшти дека во следниот период отпочнуваат со постапка за изградба на нова училишна спортска сала во ООУ „Димитар Поп Георгиев – Беровски” во населба Хром.

- Оваа сала конечно ќе ги задоволува потребите на учениците од ова училиште и дечињата ќе имаат можност правилно да се развиваат во одлични услови. Проблемите со одржувањето на часовите по физичко, заминуваат во историјата, порача Стојкоски. 

Спортската сала ќе се протега на 550 м2 и ќе ги има сите услови за одржување настава по физичко образование, како и соблекувални, тоалети и просторија за реквизити. Просторот ќе биде уреден соодветно, се со цел покрај училишната настава, да може да се тренираат спортови кои што се соодветни на овој тип спортска сала.

- Големо е задоволството да се соопшти ваква убава вест, бидејќи години наназад наставниците од ова основно училиште се соочуваа со многу потешкотии при реализација на наставата по физичко образование, а дечињата ги немаа потребните услови за правилен развој. Со овој чекор, го решаваме ова прашање на долг рок и вложуваме во нашите најмлади жители, порача првиот човек на општината.