ЗАМП попушти: Од денеска повторно слушаме македонска музика во етерот

Конечно, по неколкумесечна забрана за емитување македонска и музика од соседството, ЗАМП дозволи да се емитува која било музика на радиостаниците и телевизиите.

Од ЗАМП се огласија со соопштение кое ќе ви го пренесеме во целост:

- Ве известуваме дека со Одлука на Собранието на ЗАМП се става вон сила забраната за јавно емитување авторски музички дела од репертоарот на ЗАМП, што со Одлука на Собранието на ЗАМП беше донесена на 17.09.2016 година. Со оглед на тоа што истекоа сите законски рокови да почне со работа новоформираното здружение СОКОМ МАП, надминати се сите опасности што се закануваа да го обезвреднат авторскиот труд, авторските права и музичките дела на авторите од земјава, ЗАМП ги известува трговските радиодифузни друштва дека од 03.02.2017 година можат да продолжат со јавно емитување на музички дела од репертоарот на ЗАМП -  стои во одлуката.

Од Здружението за заштита на авторските музички права им се заблагодарија на трговските радиодифузни друштва што докрај ја испочитуваа забраната, како и на здруженијата од Србија, Хрватска, Словенија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, кои застанаа на страната на ЗАМП и забранија емитување на авторски музички дела од нивниот репертоар во земјава.