Поради недостигот од локални, во Скопје ќе позајмува полицајци од други градови. Вака било одлучено по акцијата за контрола за присуство на алкохол кај возачите која се спроведе викендов во Скопје.

“Скопје има проблем со многу мал број полициски службеници, меѓутоа направивме планови. Имаме колеги од други градови кои ќе работат овде. Смислата е да имаме континуитет во сите овие активности што ги преземаме, не само во смисла на контрола за присуство на алкохол или прекумерна брзина, туку генерално на почитување на сообраќајните правила и прописи целодневно и континуирано тоа да го правиме и во рамките на градот Скопје и во рамките на сите други сектори за внатрешни работи во Република Македонија”, рече министерот Спасовски.

Целта на овие активности, според министерот, е да се придонесе за поголемо ниво на сообраќајна култура и намалување на сообраќајните прекршоци.

Покрај решавањето на сообраќајниот хаос најави дека МВР мора максимално да бидат одговорни во однос на начинот на кој се трошат парите на граѓаните.

Во овој период имаме злоупотребување на службената положба и овластување за 111 проценти од она што било претходно. Тоа значи дека сме отвориле еден широк фронт на борба против корупцијата, рече Спасовски.

Во однос на забелешките за реформите во безбедносниот сектор, Спасовски рече дека МВР детално ги анализира сите аспекти нотирани во документот на Стејт департментот и додаде дека за реформа на безбедносните структури веќе се преземени конкретни чекори, усогласени се закони кои се усвоени во Собранието и оти тие реформи треба да профункционираат до крајот на годината согласно рокот содржан во законите.