За секој стар електронски уред, центарци добиваа вредносни ваучери кои ќе се донираат

Во акцијата „Донеси стар уред и земи ваучер со попуст за нов“, 400 жители на општина Центар се пријавија за учество во акцијата и ги донесоа на собирните пунктови старите телевизори, машини за перење, бојлери и мали уреди за домаќинство.

Како што соопшти Општина Центар за секој од апаратите граѓаните добиваа ваучер во вредност од 100, 400 и 600 денари. Повеќемина, посочуваат од Општината, се откажале од ваучерите, а собраната сума ќе се искористи за набавка на нов уред, што ќе се донира на социјално загрозено семејство.

Акцијата е дел од континуиран проект, што две години се спроведува на територијата на Општина Центар, во соработка со урбаните заедници и колективниот постапувач “Нула отпад“ од Скопје.

На овој начин, општината ги исполнува законските надлежности согласно Законот за управување со електрична и електронска опрема и отпадна електрична и електронска опрема и спроведува редовно организирано собирање на отпадот од својата територија.