За оние кои денес имаат тежок ден...

Ова е за сите кои денес имаат тежок ден.

Знам дека кога работите околу нас не се розеви наклонети сме да размислуваме негативно, што е сосема разбирливо, па така само сакам да ви кажам дека ве разбирам.

Што и да е она што ве тишти е легитимно и вашите чувства се валидни. 

Но, она што му дава вредност на животот е борбата. Сигурно ви доаѓа да се покриете со јорган преку глава и да се осамите од светот, а сега со пандемијата тоа чувство се зголемува, бидејќи цело време сме дома, а и кога не сме, од секаде сме бомбардирани со лоши вести од секаков тип. Освен тоа, знам дека дополнително си имате и свои маки.

Ама морате да се мрднете. 

Направете еден малечок чекор. Отидете до продавница, свртете круг околу маало. Ништо спектакуларно. Но, не потонувајте во апатија. Апатијата навидум делува како средство за отапување на болката и нервозата, но создава уште поголема празнина во нашата душа. Спротиставете му се на тоа чувство. 

Да, често ќе имаме денови кога ќе бидеме повредени, кога ќе ни се плаче, но наспроти нив ги имаме деновите кога ни доаѓа да танцуваме и да пееме на цел глас. За вториве денови вреди да се живее! Ако се препуштите на апатија, нема да ги има толку првите денови, но нема да ги има ни вторите. Животот околу вас, наместо палета од бои, ќе стане целосно сив, без никакво чувство, ниту на смеа, ниту на тага. А тоа е најлошо!

Животот знае да биде многу суров и полн со тешки денови. Но, кога е убав, тогаш е убав во сиот свој раскош. Знам дека можеби оваа не е тоа што сакате да го чуете, но ова е она што треба да го чуете.

Станете од кревет и направете ги првите чекори. Гледајте смешни видеа и пуштете весели песни, колку и да не ви е ни смешно, ни весело. Малите чекори се најважни!

Ова е само еден лош ден. Мала пречка на патот. Мала угорница. Но, кога ќе се качите, погледот повторно ќе биде величествен!

Вие го можете тоа!