За кого се полезни бескаматните кредити од Владата

Мерките што ги понуди Владата се доста обемни, како бескамтните кредити, така и останатите кои се за помош на исплата на минимална  плата, одложување на плаќање на дел од даноците и слично, вели Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи. 

Тој за Денар вели дека работодавачите реагирале различно по понудените мерки, зависно во ситуацијата во која се затекнати. Бескаматните кредити ќе бидат од помош само за оние фирми кои не се веќе заглавени со позајмици од банките, во спротивно ретко кој бизнисмен би се осмелил да се задолжува дополнително, вели Димитров. Помошта од тие кредити би можела да биде на краток рок, за неколку месеци но потоа ќе мора ликвидноста да ја подобруваат само со активирање на производството или нудењето услуги кои им се примарна дејност. Димитров тврди дека неминовно ќе биде затворање на фирми и отпуштање работници.

„Владата донесе низа мерки за помош на компаниите, и за дел од нив може да се каже дека се оправдани, како оние со кои се ускратува правото на помош на компаниите кои ќе исплаќаат девиденда, или исплаќаат плата повисока од 39 900 денари и сл. Но од друга страна, Владата на некој начин со сила сака да го задржи бројот на вработените дури и на оние што се со определено работно време што е спротивно на самата логика на договорите на определено време, бидејќи тие се направени на определен период додека трае потребата. Тоа на долг рок не може да опстане затоа што, тоа е на пример вие да забраните да има смртни случаи од Ковид 19. Тоа е исто како да забраните да се затвораат компании и да се отпуштаат работници.“

Податоците до кои дојде Денар велат дека за „Ковид 1“ или за првата линија на бескаматни кредити од Македонската банка за обнова и развој, аплицирале повеќе од  1300 компании. Вкупното побарување на овие фирми изнесува нешто над девет милиони евра. Таа сума е двојно повисока од тоа што Банката за обнова и развој може да поддржи или околу 5,5 милиони евра.  Во просек овие компании барале кредити од Банката за развој во висина од 8,5 илјади евра. Според податоците, доминантни се барањата за кредити до пет илјади евра. Како стојат работите, со кредитната линија „Ковид 1“ може да се поддржат околу 650 фирми, со околу седум илјади вработени во нив. Од Банката за развој велат дека досега се одобрени 520 кредити во висина од околу четири милиони евра, за кои фирмите кои ги подигнале овие средства нема да имаат обврска да ги враќаат со камати.

„За првите две групи можеме да кажеме дека од транспортниот сектор се одобрени кредити за 118 компании, од угостителскиот сектор за 117 компании, од туризмот за 19  компании. Што се однесува до микро компаниите до 10 вработени, имаме 174 компании на кои им се одобрени бескаматни кредити, додека пак на мали компании до 50 вработени се одобрени 70 бескаматни кредити. За жал некои од фирмите нема да може да добијат бескаматен кредит бидејќи принципот е прв дојден прв услужен, а според сумата на пари и апликациите ќе недостасуваат средства за сите апликанти. Бројките покажуваат дека интересот е голем кај фирмите, се надеваме дека ќе најдеме средства во септември да понудиме и кредити за опоравување на стопанството“, велат од Македонската банка за развој.

Од Македонската банка за обнова и развој велат дека оние компании кои нема да добијат бескаматни кредити од првиот повик може да аплицираат на вториот, „Ковид 2“ кој овозможува учество на сите микро, мали и средни компании да аплицираат за колачот вреден 8 милиони евра, пари кои се обезбедени преку компензационите фондови од Јапонија. Минимален износ на кредит е во висина од 3.000 евра и може да аплицираат и фирми коишто имаат помалку од петмина вработени, додека максималниот износ на кредит изнесува 90.000 евра. Главниот услов за доделување на кредит во висина од 90.000 евра е фирмата да има остварено за 30 отсто намален приход во март 2020 во однос на март 2019 или во однос на просечните месечни приходи за 2019. Рокот на отплата на овој кредит е до 3 години, со грејс-период од 12 месеци и со обезбедување на меница.

Според Сојузот на стопански комори, од анкетата на претпријатијата кои припаѓаат на секторите угостителство, производство и преработка, сметководство и финансии, трговија, услуги, градежништво, туризам, здравство, транспорт и логистика и земјоделие, во поглед на понудениот кредит на Развојната банка, 65% од претпријатијата истакнале дека не аплицирале, 8% изјавиле дека ќе аплицираат, 7% се изјасниле дека чекаат одговор, 19% од претпријатијата се изјасниле дека воопшто не размислуваат да аплицираат за кредит, а 1% истакнаа дека се одбиени.

„Оние кои не добиле кредит во првиот повик, потребно е да им се олесни процедурата и да добијат во вториот повик, а не да аплицираат повторно. Валидна документација веќе обезбедиле и доставиле во првиот повик, и само комплицирање на состојбите е кога веќе истакнале дека им се потребни средства, да мораат повторно да минат низ истата процедура“ велат за Денар од ССК. (извор - денар.мк)