За Брендон и за Брук Филиповски, Македонија е втора татковина

Брачниот пар Брук и Брендон Филиповски веќе две години живее во Македонија заедно со своите четири деца од кои најмалиот син Филимон Хавиер, кој има 14 месеци, е роден во Скопје.

Брендон е Австралиец со македонски корени, а Брук е родена во местото Пунта Горда на Флорида, САД, каде што завршила средно училиште и факултет, а нејзините родители се од Канада.

Се сретнале кога Брук (38) отишла на мастер-студии во Сиднеј. Иако пред да го сретне Брендон (39) никогаш немала слушнато за нашата земја, сепак судбината сакала таа да ја засака Македонија и пред да дојде во неа.

Виновник за тоа е токму Брендон, чиј дедо Киро е родум од селото Лева Река, Преспа, а баба му Николина е од Царев Двор и тој растел со приказните за убавините и историјата на земјата од која потекнува.

– Првпат дојдов со баба и дедо, Кире и Николина, дедо ми е од Лева Река, баба ми од Царев Двор, Преспа. Слушав многу приказни за Македонија, за родните што ги немав видено. Се сеќавам, кога дедо примаше писма плачеше, ми зборуваше за местата каде што израснал, езерото, не знаев како изгледа Македонија. И дојдов да си ги запознаам родните, тие ме прифатија, велат дека сум го реобединил семејството и благодарни сме за тоа. Преубаво искуство од три месеци, и посакав да дојдам пак, да ја почувствувам енергијата што ме влечеше. Луѓето беа прекрасни, природата, и секако сознанието дека моите корени се од тука – ни рече Брендон.

Токму оваа нејзина особина засекогаш ја поврзала со Брендон, а секако тука е и љубовта кон семејството и кон четири деца: Џеремаја (7), Кристабел (5), Естер (3) и едногодишниот Филимон Хавиер.

Се сретнале две недели по доаѓањето на Брук во Австралија и нивната врска траела две години. Разговарале за сѐ, ги споделиле нивните соништа и желби. Брендон ѝ открил дека првпат ја посетил Македонија на 19 години и многу му се допаднала. Бил импресиониран од неговите роднини, од селото и начинот на живот тука. Сонувал еден ден да дојде пак и да живее во Македонија со семејството. Тоа му била најголемата желба. Секојдневно се молел за Македонија и му ветил на господ дека ќе дојде повторно тука.

Кога се вратил во Австралија Брендон студирал бизнис на националниот Универзитет во Канбера, а потоа се вработил во Сиднеј во Националната банка. Сепак, сѐ уште сонувал за Македонија и сакал да дојде по секоја цена. Иако таму имал сѐ, посакувал нов предизвик, да ги запознае своите корени, местото од каде што потекнува.

Но случајот сакал Брук прва да ја посети Македонија во 2008 година и тоа сама, поточно со пријателки.

– Дојдов сама без Брендон, бидејќи тој не сакаше да патуваме заедно пред да се земеме. Сакав да ја видам земјата на неговите соништа. Останав една недела, но искрено првите впечатоци не беа баш најдобри. Дојдов со воз од Солун, а железничката станица во Скопје беше валкана, исцртана со графити, таксистот сакаше да нѐ украде, беше август и премногу топло. Но потоа шетавме по кејот, низ градот, ми се допаднаа енергијата, реката Вардар, луѓето… Мојата другарка од тоа патување сѐ уште е тука, се омажи и има четири деца, како и јас, и често се дружиме – ни раскажа Брук Филиповски.

– Три дена работам за македонска фирма што се занимава со истражување за економија, бизнис, организација, инвестирање, како да се привлечат инвеститори, компании што би дошле тука, а три сум хонорарец – открива Брендон.

Заедничка љубов на овој брачен пар е и маратонот. Брук трчала уште од гимназија, а по раѓањето на трите деца повторно се вратила во форма. Заедно со неа трча и Брендон и биле на маратоните во Атина, Прилеп, Скопје. Кога ги прашавме дали има, сепак, нешто што не им се допаѓа тука ни рекоа дека тоа се преголемото загадување, оптовареноста на луѓето со политика, нервозните возачи.

Извор: Нова Македонија