Во Соборниот храм Архиерејска златоустова литургија по повод Божиќ

Во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје денеска по повод големиот христијански празник Рождество Христово - Божик се одржа Архиерејска Златоустова Литургија со која чиноначалствуваше поглаварот на Македонската правослвна црква- Охридска Архиепископија г.г. Стефан. 

На литургијата присуствуваа претседателот на државата Ѓорги Иванов со сопругата, претседателот на Собранието Трајко Вељаноски со сопругата и претседателот на Владата Никола Груевски, како и многу верници. 

По повод Божик, Архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан заедно со Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква-Охридска архиепископија, до свештенослужителите, монаштвото и до сите верници, упатија Божикно послание во кое им пожелуваат мир и благослов од Бога, поздравувајќи ги со величествениот торжествен поздрав - Христос се роди!

- Да Го молиме Семилостивиот Бог да нè удостои во претстојното 2016-то лето Господово, и овде во Татковината и меѓу Македонците по светот, достојно да ги одбележиме 1100-те години од упокоението на најголемиот македонски духовен великан – свети Климент Охридски, просветителот, чудотворецот и основоположникот на славната Охридска Архиепископија – патронот и закрилникот на нашата Македонска православна црква, се посочува во посланието.

Оваа година исто така, ќе се одбележува и 1000-годишнината од упокоението на свети Јован Владимир, кој маченички пострадал во Преспа. 

- Во секој од нас да потече извор на мир и братска љубов. Господ Христос е нашата моќ, нашата помош, нашата утеха, нашата радост и нашата надеж. Тој, како Човекољубец, со благодатната сила на Својата правда, нека ја поткрепува нашата Света Црква за да истраеме по патот на вистината, да го заштитува нашиот боговерен народ и со Својот Свет Дух да ја ороси нашата македонска земја. Да ги запре омразата, поделбите и меѓусебните непријателства. Да нè умудри сите заедно вдахновено да работиме за добробитот и напредокот на нашиот народ. Да ги исполни нашите домови со љубов и изобилна радост. Да ги земе под закрила нашите училишта, да ги просвети со спасоносната светлина благочестивите учители, наставници и раководители. Да ги благослови со Своите добрини нашите ученици и младината, зашто тие се утрешниот разум и совеста на Татковината. Домовите на сиромасите да ги поткрепи и исполни со вера и трпение, а на богатите да им подари сила за чинење на добродетели и милосрдие. Милостивиот Господ да биде покрај постелата на болните, да ги заштити вдовиците и сираците и на сите ним да им подари вера и блажена утеха. Во Господа е нашата радост, нашата љубов и нашиот живот. Затоа, Нему Му се молиме да ги чува нашата Светиклиментова Црква, слободата и независноста на нашата Татковина, се наведува во посланието.