Во претседателската резиденција за празниците: На Бадник кај првата дама

Утрово на Бадник, во домот на Иванови, претседателската резиденција на Водно, ќе биде весело. Семејството на претседателот Ѓорѓе Иванов, како и лани, ќе ги прими на гости дечињата од бадникарската поворка, кои со пеењето на изворната христијанска песна „Вечниот Бог“ ќе го најават Христовото раѓање, пренесува Независен.

Претседателскиот пар, традиционално, ја поминува бадниковата вечер семејно, дома. И Новата година ја пречекаа во претседателската резиденција. Само синот Иван ја славеше со друштво, во кафуле во Скопје.

„Новогодишните и божиќните празници се период кога секој од нас треба да ги покаже своите хуманост, солидарност, човечност и да се осврне кон основните морални вредности и принципи. Ние, како семејство, отсекогаш сме ги негувале и верските и традиционалните вредности во нашиот дом, а сме поборници и на заживувањето на старите духовни традиции. Функцијата на мојот сопруг не го промени начинот на кој ги одбележуваме празниците и за нас битните датуми и семејни прослави, секогаш отворени за роднините и за пријателите. Затоа, од моментот кога мојот сопруг ја презеде функцијата претседател на Република Македонија, одлучивме на Бадник да ги отвориме вратите на претседателската резиденција, исто како што беше и во нашиот семеен дом. Така, секоја година пречекуваме коледари во нашиот дом на Бадник, а наши гости на Бадник досега беа и 'златните славејчиња', членовите на специјалната олимпијада, децата без родители и родителска грижа, подмладоците на игроорни групи и културно-уметнички здруженија, балерини... Од преклани, мојот сопруг и јас со огромно задоволство ја поддржуваме иницијативата за враќање и возобновување на божикната литија, односно поворка. Уште со детските прегратки утрото, во текот на денот се чувствува една прекрасна внатрешна енергија, една духовна исполнетост, со многу топлина, љубов и хармонија“, ја почна празничната приказна првата дама Маја Иванова.

Во текот на денот, продолжува подготовката на свечената бадникова вечера.

„Секогаш ја подготвувам сама и, најискрено, секогаш го правам тоа со голема возбуда. Сама го замесувам лепчето со паричка и ја подготвувам и ја уредувам празничната посна трпеза, која е богата за да имаме плодна година во куќата. А, на посната трпеза сѐ е традиционално, како и кај секое македонско семејство. Вечерта, во најтесниот круг на семејството, се собираме и ја имаме најубавата семејна бадникова вечера. Го кршиме лепчето на пет дела - за нас, за домот и за Господ и сите секогаш се радуваме без разлика кај кого ќе се падне паричката. Го молиме Бога за благослови, благосостојба, мир, љубов, напредок, успеси и најмногу за здравје на тој што ќе ја добие паричката, исто како и за целото семејство. Откако ќе завршиме со вечерата, продолжуваме со нашето семејно дружење, остануваме дома, сите заедно, покрај нераскренатата трпеза“, вели Иванова.