Во пет држави Македонците ќе може да патуваат само со лични карти

Владата на вчера одржаната седница го утврди текстот на Предлогот на Закон за ратификација на Договорот за слобода на движење со лични карти во Западен Балкан.

Договорот за слобода на движење со лични карти во Западен Балкан е склучен во Берлин на 3 ноември 2022 година меѓу шесте земји  во регионот и тоа: Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија, а е иницијатива на нашата земја од зедничкото ко-претседавање со Бугарија со Берлинскиот процес, со намера да се преслика моделот на билатерални договори за слободно патување со лични карти.

Договорот, според образложеното од предлагачот, има за цел натамошно унапредување на соработката и олеснување на условите за патувањето, вклучително и унапредување на односите помеѓу земјите од Западен Балкан, преку поедноставување на административните постапки во поглед на влез, транзит и краткорочен престој на лицата носители на лични карти, издадени од наведените земји, велат од Влада.