Во општините Гази Баба и Бутел вработени примале плата, а не оделе на работа

Во општина Гази Баба спротивно на закон се склучувани договори на дело со лица кои не оделе на работа, а примале плата. Од она што до сега е утврдено во општината со договор на дело во периодот од 04.01.2021 година до 21.09.2021 година се ангажирани 14 лица, а пет од нив воопшто не оделе на работа, ова денеска преку прес-конференција го истакна Марија Митева од ВМРО-ДПМНЕ.

-Ова незаконско дејство е спротивно на членот 8 од Законот за трансформација во редовен работен однос во кој јасно е утврдено дека врз основа на договор на дело не може да се ангажираат повеќе од 1% од вкупниот број на вработени на крајот на претходната година и согласно овој Закон требало да биде ангажирано само 1 лице. Во општина Гази Баба, од овие 14 договори, 8 од нив биле склучени по распишување на локалните избори што е спротивно на член 8а од Изборниот законик. Во однос на ова, склучен е и договор со едно лице за консултански услуги за време на изборната кампања и тоа, на 13.10.2021 година бил склучен договор со едно лице за консултански услуги од областа на легализацијата на дивоградби. Согласно информациите, се работи за лице кое претходно било вработено во општина Гази Баба па заминало во пензија. По пензионирањето со тоа лице е склучен договор за консултантски услуги, а лицето било задолжено да работи на предмети за легализација на дивоградби во Гази Баба. Локалните избори биле распишани и ваквото постапување е спротивно на членот 8а од Изборниот законик, вели Митева.

Таа додава дека согласно Изборниот законик, а и Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, не може да се започне постапка за вработување на нови лица или постапка за престанок на работен однос во државни и јавни институции пред и за време на распишаните избори. 

На овој проблем алармираше и новоизбраниот градоначалник на општина Бутел Дарко Костовски. 

-Од понеделник шеесет вработени лица во Општина Бутел повеќе нема да бидат во работен однос, голем дел од овие вработени, поточно триесетина лица воопшто се немаат појавено на своето работно место со години, дел се појавувале повремено, додека пак дел биле редовни, но немале буквално никакви работни задачи. Секако за ова доказ е системот за евиденција на работно време, информираше Костовски. 

-Општина Бутел не смее да биде заложник на вакви нити пак слични ситуации во иднина, потрошени се премногу средства сосема непотребно, средства со кои можело да се направат голем број проекти за добро на граѓаните.Општинската администрација мора да биде високо професионална, и ниту еден вработен не смее да остане без работни обврски, порача тој.