Во Кисела Вода спроведена голема акција за расчистување на јавните површини и дивите депонии

Во општина Кисела Вода спроведена е голема акција за расчистување на јавните површини и дивите депонии. Како што соопшти општината, собрани биле повеќе од 30 тони отпад.

Предводени од градоначалникот Филип Темелковски, вработени во администрацијата, советници од Советот, помогнати од сезонски работници, како и од жители од овој дел на градот ги чистеа парковите, улиците, просторот околу детските игралишта и училиштата и градинките, локации каде несовесни граѓани фрлале отпад.

За чистење на дивите депонии беше користена и механизација, ангажирана од општината.

Од 8 часот утринава се работеше едновремено во сите месни и урбани заедници. 

Акцијата за чистење на општина Кисела Вода продолжува. Од понеделник на чистењето на депониите во општина Кисела Вода се приклучува и Град Скопје. Во тек е и редовното пролетно чистење на одводните канали на оваа територија, а од следната седмица ќе се спроведува и акција за собирање на кабаст отпад за што жителите ќе бидат детално и навремено информирани преку општинската веб страница и референтите во месните и урбаните заедници каде што живеат.

Општината апелира граѓаните да го почитуваат Законот за јавна чистота и совесно да се однесуваат кон животната средина.