Во дворот на МЗТ ќе се гради фабрика за преработка на медицински отпад

Фабрика за преработка на медицински отпад ќе се гради на земјиштето во дворот на поранешната фабрика „Металски завод – Тито“. Како што дознава „Макфакс“, инвеститорот минатата недела ги информирал газдите на околните фирми во комплексот кај МЗТ дека ќе почне со градба.

Уплашени од опасноста и штетните последици од ваква фабрика во нивна близина, сопствениците на околните фирми потпишуваат петиција за да се стопира оваа изградба. Од Општина Гази Баба ни одговорија дека дозволата е издадена во 2014 година и е потпишана од тогашниот градоначалник Тони Трајковски, но, наводно, станува збор за преработка на неопасен отпад.

Станува збор за фирмата „Еко клуб“ ДООЕЛ Битола, чија основна дејност е манџирање со отпад. Фирмата барањето за складирање, третман и/или преработка на неопасен отпад до Општината го доставила на 10.12.2014 година.

„Од Општина Гази Баба на 17.12.2014 година е издадена потврда од страна на комисијата за изготвување потврди за одредување локации на кои ќе се врши дејноста складирање, третман и или преработка на неопасен отпад, потпишана од тогашниот градоначалник Тони Трајковски“, ни одговорија од Општина Гази Баба.

Но, сепак, во документите до кои дојде „Макфакс“ покажуваат дека „Еко клуб“ има договор за соработка со „Дрисла“ за вршење услоги на преработка на опасен медицински отпад.

Во описот на дејноста на фирмата „Еко клуб“ стои дека е водечка комунална компанија во регионот на југозападна Македонија и пошироко на Балканскиот Полуостров.

Компанијата работи веќе 27 години и е прва приватна комунална компанија во Македонија. Компанијата е регистрирана на 26.9.1990 година. Основни дејности се еколошки и комунални услуги, кои се изведуваат со сопствена механизација.

Минатата недела имаше бурни реакции во јавноста по информацијата дека во склоп на фабриката „Железарница“ ќе се гради фабрика за тешка индустрија. Активистите постојано апелираат да се престане со градба на фабрики што дополнително ќе ја влошат енормната загаденост на воздухот во Скопје.