Внимавајте од каде пиете вода кога сте жедни

Внимавајте од каде пиете вода кога сте жедни. Од фонтаните во градот може, но не и од чешми и извори во подножјата на планините. 

Последните анализи на водата земена од неколку места на Водно покажуваат дека не е безбедна за консумирање. Резултатите покажале дека се најдени бактерии кои можат да предизвикаат и сериозни здравствени проблеми.

- Може да има разни бактерии од кои дел можат да предизвикаат гастроинтестинални проблеми а некои од бактериите се уште поопасни за здравјето. Препорачуваме вода од такви места, особено селски чешми кои не се на водовод и во падините на планини односно каптирани извори да не ги користат, вели проф. Михаил Кочубовски од Институт за јавно здравје, во изјава за Сител.

Анализите од Институтот за јавно здравје покажале дека нема проблем со чешмите во градот кои се безбедни за пиење. Во топлите денови граѓаните можат слободно да се освежуваат.

-Фонтаните и чешмите кои се приклучени на градски водовод подлежат на секојдневна проверка на нивниот квалитет од претпријатијата кои стопанисуваат со нив. Центрите за јавно здравје ги контролираат селските чешми и изворите во подножјата на планините.

И годинава, пред почетокот  на летната сезона Институтот  направил проверка и на квалитетот на водата во природните езера во државата.

-Имаме готови резултати за Охридско и Дојранско, и во поглед на микробиолошката исправност, можам да кажам дека се безбедни за капење и тоа е од анализие во мај. Повторно ќе има проверка и во јуни, вели Кочубовски.

Во текот на неделата треба да бидат готови и резултатите за безбедноста за капење  во Преспанското езеро. А сите води во државата повторно ќе бидат контролирани и во јуни.