Внимавајте на својот велосипед, масовно се крадат низ градот

Малку сонце им е потребно на велосипедистите да ги остават автомобилите во гаражите и повторно да ги активираат своите велосипеди. Но почетокот на новата сезона автоматски ги активира и крадците на велосипеди, а доказ за тоа се и многубројните реакции на социјалните мрежи во кои се наведуваат голем број кражби.

Целосно украдени велосипеди или во делови е честа слика што може да се забележи на улиците, а самите граѓани со сите сили се обидуваат да го заштитат својот превоз од раката на крадецот.

Исто така, голем број велосипеди се крадат и од дворовите од куќите и влезовите од зградите.

За да им се помогне на луѓето што останале без својот велосипед, пред неколку години беше создадена и фејсбук-групата „Украдени точаци“, која веќе има повеќе од пет илјади члена. Таму можат да се забележат многу фотографии од украдени велосипеди, снимки од безбедносни камери што ги уловиле крадците како крадат велосипеди, а можат да се прочитаат и разни совети како најдобро да се заштитите од крадливата рака.

Од Министерството за внатрешни работи објаснуваат дека, во зависност од вредноста на велосипедот, ова кривично дело може да се води по приватна тужба или по службена должност.