ВМРО–ДПМНЕ: Ќе носиме инвестиции за да има нови работни места

На овие избори видовме дека другата страна нема сериозни проекти и програми и затоа ни говореа за воздух, ветер и магла.

Видоа дека не можат да се мерат со работа со нас и удрија на криминални избори, ова го истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски во општина Карбинци. 

Груевски посочи на низа неправилности, што според ВМРО-ДПМНЕ, се случија во првиот круг од локалните избори како инцидентот во Шуто Оризари, пукањето врз кандидат за советник, искршени штабови на ВМРО-ДПМНЕ, потплаќање гласови. 

- Крајната цел е да се разбие секој Македонец кој размислува за својата држава, кој го сака својот јазик и идентитет, рече Груевски. Додаде дека економијата тоне, индустриското производство паѓа, а странски инвестиции нема.

Оваа власт, според него, е марионетска и предваничка и ја донеле други сили кои и овозможиле да ги фалсификува локалните избори. - Нема држава во која една марионетска власт опстанала предолго на власт, рече Груевски.