Владата потврди: Нема полициски час!

Претходно Скопје Инфо неофицијално објави, но сега и владата потврди дека таа на денешната седница заклучила, предлогот за воведување рестриктивни мерки да биде повторно разгледан во Комисијата за заразни болести.

Владата на Република Македонија на денешната 63-та седница во врска со спречување на внесување и ширење на коронавирус КОВИД-19 заклучи да се воведат засилени контроли и мониторинг во таргетирани подрачја на градот Скопје и општините во градот Скопје, потоа во околните скопски општини Арачиново, Студеничани, Илинден, Петровец и Зелениково, како и во општините Куманово, Липково, Штип и Карбинци, Тетово и тетовски општини Боговиње, Брвеница, Теарце, Желино и Јегуновце, каде што е регистриран поголем број на новозаразени граѓани.

Во оваа насока, Владата ги задолжи Министерството за внатрешни работи, Инспекцискиот совет и Финансиската полиција да изготват посебни акциски планови за контрола и за спречување на отстапувањето на мерките за заштита, како и санкционирање на секое непридржување до донесените мерки.

Во врска со оваа точка, Владата заклучи Државниот здравствен и санитарен инспекторат во секое решение за изолација што ќе биде донесено да стои дека е задолжително инсталирање на апликацијата СтопКорона заради поголема прегледност и контрола со цел превенција на ширењето на коронавирусот. Секое прекршување на одредбите од решението за изолација ќе биде санкционирано со државен карантин.