(Видео) Прослава на приврзаниците на „Бојкотирам“ пред парламентот

Пред Собранието на РМ почна прославата на приврзаниците на движењето „Бојкотирам“, кои се собираат по информациите за слабиот одѕив на референдумот.

Неколку стотици граѓани, поддржувачи на „Бојкотирам“, со песна ги слават резултатите од референдумот за промена на името на Република Македонија. Граѓаните со транспаренти и знамиња во рацете извикуваат: „Слободна Македонија“.

Некои од присутните заиграа и оро пред Собранието, а можеше да се забележи и лидерката на партијата Глас за Македонија, Солза Грчева, партијата што беше дел од Кризниот штаб против референдумот.

Државната изборна комисија (ДИК) на најновата прес-конференција соопшти дека на денешниот референдум до 18.30 часот на гласање излегле 34,09 отсто од вкупно запишаните во Избирачкиот список.

На булеверот пред македонскиот парламент наместена е бина за говорници поради што е блокиран сообраќајот, а може да се забележи и големо полициско обезбедување.