Вакцинацијата на граѓани на ЕУ ќе почне пред крајот на годинава

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, најави дека првите вакцинации на граѓани на Европската Унија ќе бидат извршени против Ковид-19 пред крајот на декември оваа година.

Во својот говор пред Европскиот парламент, Фон дер Лајен предупреди дека и покрај „светлото на крајот од тунелот“, не смее да има брзо олеснување на мерките воведени против ширење на корона вирусот.

Ситуацијата со пандемијата и натаму е сериозна. Со речиси 3.000 смртни случаи на ден, Ковид-19 беше причина број еден за смрт во ЕУ минатата недела. Болниците се уште се под притисок, знам дека сопствениците на продавници и угостителите сакаат да се укинат ограничувањата, но не смееме да ги повторуваме истите грешки. Премногу брзо и премногу релаксирање е ризик за трет бран по Божиќ – изјави Фон дер Лајен.

Таа нагласи дека овој Божиќ во ЕУ ќе биде поинаков и потивок, но дека има и добри вести.

Европската комисија досега обезбеди договори со шест компании. Првите европски граѓани би можеле да бидат вакцинирани пред крајот на декември. Светлото е конечно на крајот на тунелот – изјави Фон дер Лајен.

Таа ги повика земјите-членки веднаш да подготват логистика за распоредување на милиони дози вакцини, вклучувајќи милиони шприцеви, ладилници, организација на центри за вакцинација и обука на персоналот.