Во земјава 2 041 активни ковид случаи, повикот за вакцинација останува

Во земјава има вкупно 2 041 активни случаи на КОВИД-19, а најголем дел од нив се во главниот град -1152. Инаку, активностите од караванот за промоција на вакцинацијата против КОВИД-19 денеска продолжуваат во Липково, а утре во Арачиново.

Со караванот, кој почна на 21 март, а ќе заврши на 3 април, надлежните испраќаат апел до граѓаните да се вакцинираат, посочувајќи дека тоа е единствениот излез од пандемијата.

Во однос на статистиката на новозаболени, во текот на вчерашниот ден беа регистрирани нови 188 случаи, од направени 2 245 тестови. Вчера починале тројца, а оздравеле 119 пациенти.

Според податоците од Институтот за јавно здравје, од новите случаи во Скопје се 123, Битола 18, Кавадарци 10, Прилеп 6, Куманово 5, Штип и Делчево по 4, Гостивар, Охрид, Кочани и Гевгелија по 2, Тетово, Велес, Струмица, Кичево, Струга, Неготино, Ресен, Дебар, Богданци и Македонски Брод по 1.

Досега во земјата се направени вкупно 1.953.866 тестирања на КОВИД-19.

Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 305.066. Бројот на оздравени пациенти е 293.819, а на починати е 9.206.

Дел пак од државите од регионот се одлучија за олабавување на ковид мерките. Во Софија од денеска ќе бидат отворени терминалите на аеродромот и за оние кои ги пречекуваат и испраќаат патниците.

Претходно, терминалите беа затворени за луѓе кои не се патници или вработени. Ограничувањата беа дел од антиепидемиските мерки и бараа оние кои ги испраќаат патниците да се разделат со нив на влезот на поаѓање, а оние кои пречекуваат да чекаат на ограничено место или надвор од терминалите, што создаваше непријатности.

Барањата за носење маска, растојание меѓу луѓето, како и почитување на сите антиепидемиски мерки опишани во наредбите на Министерството за здравство во Бугарија остануваат во сила до нивното укинување.

И во Грција се најавува олабавување на мерките.

Во оваа држава се очекува во летниот период да се укинат сите рестриктивни мерки наметнати од пандемијата, а до Велигден, според најавите од министерот за здравство, се очекува да се олабават низа рестрикции.